Пандемијата им ги искриви `рбетите и стапалата на учениците, предупредуваат наставници

Photo by Sharon McCutcheon on Unsplash

Долгото седење, ниското ниво на физичка активност која ја наметна пандемијата на ковид-19, негативно се одрази на физичкото и на менталното здравје кај децата. Променетиот начин на живот кој го наметна пандемијата, „удри“ по нив во клучните години во кои се случува најважниот раст и развој. За деформитетите на телото и за намалените моторни способности, кои не беа непознаница и пред пандемијата, како и за последиците од пасивноста, поразговаравме со неколкумина наставници по физичко и здравствено образование, кои секојдневно одблизу го следат развојот на учениците.

Наставничката по физичко и здравствено образование, Сузана Ивановска вели дека во пораст е бројот на деформитети и здравствените проблеми, посебно кај учениците кои следеле онлајн настава.

– Долготрајното седење пред компјутер, пасивноста, придонесе децата да ја покачат телесната тежина која директно влијае на нивното здравје. На часовите по физичко образование кои траеја 30 минути, децата мораа тоа време да следат активности на компјутер во домашни услови и немаа можност да спортуваат како порано, беа спречени во дружење, во активности. Тоа што беа искривени над телефоните и компјутерите, придонесе за намалување на мускулатурата. Намалената физичка активност овозможи услови за појава на деформитети и намалување односно губење на моторните способности – вели наставничката.

За разлика од нив, учениците кои оделе на училиште со физичко присуство во одделенска настава, додава наставничката, биле физички активни, но им било тешко бидејќи морале да носат маски. Според неа, ако при физичка активност нема правилно внесување на кислород, нема правилна работа на срцето, а се пореметува и правилната функција на сите органи. Ивановска вели дека ги поттикнува децата што повеќе да спортуваат и престојуваат на отворено, да возат велосипеди, да пливаат, за да се спречи настанувањето на деформитети и да се зајакне менталното здравје.

Физичко образование да биде број 1 предмет во дневниците

Југослав Спасиќ е професор по физичко и здравствено образование во основното училиште „Крсте Мисирков“ во Куманово. Тој посочува дека последните бројки од 2019 година наведени во Извештајот за остварување на програмата за систематски прегледи на ученици и студенти во Република Северна Македонија за 2019/2020 година, се многу сериозни. Во основните училишта, лошо држење на телото има кај 16,2 отсто од учениците, деформитети на ‘рбетниот столб и на градниот кош имаат 17,5 отсто, а деформитети на стапалата имаат 19,5 отсто од децата.

– Овие бројки беа застрашувачки уште пред пандемијата ковид-19 и затоа од 2019 година почна континуирано да се воведува тандем-настава со наставник по физичко и здравствено образование од прво до петто одделение, со цел квалитетна реализација на наставата по овој предмет. Ова е особено значајно бидејќи појавата на деформитети се во три развојни периоди: кај децата откако ќе проодат; кај учениците кога започнуваат со одење на училиште во прво одделение и кај учениците кои се во пубертет. Но, секако за овие бројки да бидат драстично намалени ова не е доволно – вели професорот Спасиќ.

Според него, потребно е настава по физичко и здравствено образование да има секој ден во училиште. Потребно е забавниот и рекреативниот спорт да може да се реализира најмалку 3 пати неделно во училиштата како и да се организираат на различни начини преку спортски институции, забавни спортски настани и манифестации секој викенд за децата и училишната младина, со цел тие да бидат постојано физички активни и вистински да им се всади во навика рекреирањето и спортувањето за себе.

– Претходниот период ни покажа дека здравјето е пред сé, а ние како образовен систем (Министерство за образование и наука, Биро за развој на образование, општиските сектори за образование, училиштата, наставниците, наставниците по физичко образование, родители и ученици со свои иницијативи) најмалку придадовме важност на физичко и здравствено образование. Родителите и учениците многу лесно изнаоѓаа изговори за физичка неактивност или зголемена инертност. Сите имаа можност буквално секој ден по 2 часа активно да се посветат на своето физичко и ментално здравје, но ретко која индивидуа тоа го правеше или ретко кое семејство беше мотивирано и дисциплинирано – смета професорот.

Ако на состојбата од 2019 година со деформитетите, се додаде и огромната експанзија на информатичката технологија и нејзината зголемена употреба, ќе мора да се очекува дека податоците, по идните спроведени систематски прегледи нема да бидат оптимистички, смета професорот.

– Физичкото образование треба да биде број 1 предмет во дневниците, пред сите мајчини и странски јазици, пред сите математики и калкулации во образованието. Ќе мора да биде прва програма на листите на наставните програми кои ги изготвува Бирото за развој на образование. Во училиштата наместо да биде прв часот за одделенска заедница ќе треба прво да бидат часовите за заедничко вежбање на сите ученици од иста генерација или од иста зграда во која учат и слично. Агенцијата за млади и спорт ќе мора да ги стимулира сите федерации и сите организации за млади и за спорт во сите градови и села да го искористат секој спортски терен, спортско игралиште и секој спортски објект т.е. сала, за организирање на спортски активности за децата – предлага професорот Спасиќ.

Ранците им ги искривуваат `рбетите

Душица Јакимовска е одделенска наставничка во подрачното основно училиште „Кирил и Методиј“ во Агино село и има 23-годишно искуство во професијата. Таа смета дека родителите се тие кои треба да се грижат за осамостојување на детето во одење, трчање и скокање.

– За жал последниве 15 години, сликата за правилен физички развој на дете од 6 години е комплетно променета. Ние како родители потфрливме. Оптоварени од трката за егзистенција и секојдневните обврски, но и потребата и самите да си земеме свое време во текот на денот, на детето во раце уште од мало му ставаме телефон, таблет, или го ставаме пред компјутер. Уште кога на тоа дете, неподготвено и физички неактивно, кога ќе му ставиме ранец (претежок со книги) на грбот, неоспорно е појавување на искривувања и деформитети. Неправилен од, искривување на стапала (нанадвор или навнатре) неправилно држење на телото под товар, неправилно седење на ученичкото столче, кое патем е несоодветно со клупата за нивна возраст, доведува до поразителни резултати за здравјето на нашите деца – вели наставничката.

На сето ова, додава таа, како фактор за неправилен физички развој, пандемијата и он-лајн наставата оставија последици.

– Нашите ученици немаат познавања за правилна ергономија за седење пред компјутер. Детето не внимава на правилно седење, не држи растојание од екранот на компјутерот, висината на екранот не е соодветна со висината на очите. Тоа доведе до оштетување на видот кај некои ученици, а уште пострашно кифози, лордози и сколиози. Јас како одделенски наставник ја поддржувам и ја оправдувам тандем-наставата по Физичко и здравствено образование во пониските одделенија. Нема повеќе оправдување за заменување на часот по ФЗО со математика или македонски јазик (чест на исклучоци), со цел да се остварат огромните и високо поставени цели на наставата, а на штета на физичкото здравје на нашите ученици – смета Јакимовска.