Пандемијата им донесе неверојатни приходи на креативците

Стрипот „Лор Олимпус“ на Рејчел Смит / фото: Вебтун

„Би-би-си“ ги пренесува приказните на тројца креативци и групи, чии првични хобија за време на пандемијата им донеле огромна база на обожаватели и зголемени приходи.

Кога 35-годишната Рејчел Смит тропнала на вратата на креативната индустрија во Нов Зеланд во 2008 година, секој нејзин обид бил одбиен. Своето портфолио го испратила до повеќе агенции и се обидела да ги продаде своите уметнички дела на разни конвенции, но ништо од ова не успеало. Вака започнува приказната за дипломираната графичка дизајнерка Смит.

На крајот, нејзиниот сон се претворил во хоби, а таа почнала да се занимава со маркетинг. Нејзината приказна ја делат многу баратели на работа од мелиунимската генерација, луѓето родени помеѓу 1980 и 1995 година. Нивниот работен век бил проследен со економска неизвесност и промена на работните места.

Но, како што пишува „Би-би-си“, новата технологија им отворила нови можности.

Извадок од стрипот „Лор Олимпус“ на Рејчел Смит / фото: Вебтун

Во 2016 година Рејчел Смит наишла на мобилна апликација со неделни стрипови што луѓето можеле да ги читаат на нивните мобилни уреди – дигитална верзија на стриповите популарни во Јапонија и Кореја. Смит одлучила да нацрта свој стрип, наречен „Лор Олимпус“ (Lore Olympus) – англиски романтичен стрип што ја деконструира грчката митологија.

Само еден месец подоцна, таа стекнала илјада претплатници, а кон крајот на 2017 година добила понуда од апликацијата да стане платена креаторка.

Смит не го крие нејзиното изненадување од понудата и била зачудена што некој „сака да и даде пари за веб-стрип“.

Денес, нејзиниот стрип „Лор Олимпус“ има 5,2 милиони претплатници. Во ноември излегла и нејзина книга, а во моментов развива и анимирана серија.

Смит сега работи и по 70 часа во неделата за да ги заврши свите обврски, а раскажува и како луѓето околу неа биле скептици кога им соопштила дека се откажува од старата работа.

„Кога се откажав од мојата работа во 2018 година и кажав дека ќе правам стрип за апликација со седиште во Кореја, луѓето ми велеа – Рејчел, дали си сигурна дека сакаш да го правиш ова? Звучи како ужасна идеја“, раскажува Смит.

Апликацијата за која работи Смит, „Вебтун“ (WebToon) е во сопственост на јужнокорејскиот технолошки гигант Навер и брои 72 милиони корисници месечно. Во 2020 година апликацијата имала приходи од над 700 милиони американски долари, а неколку нивни стрипови се претворени во телевизиски хит-серии и филмови во Јужна Кореја.  Уметниците и апликацијата станале толку популарни, што компании за стрипови како „Марвел“ и „DC Comics“ сега сакаат да работат со нив.

Фото: Фејсбук страница на „Viva La Dirt League“

Графичката уметност не е единственото креативно поле во кое за милениумците било навистина тешко да се пробијат. За основачите на серијалот со скечеви „Viva La Dirt League“, почетоците биле навистина тешки.

Актерот Роуан Бетџеман и видео монтажерите Алан Морисон и Адам Кинг се запознале додека работеле во филмската и ТВ индустријата во Нов Зеланд.  Повеќе од 10 години прават видео клипови со забавни гејминг содржини за Јутуб.

Како што велат тие, првите шест години за нив биле навистина тешки. Изгубиле 20.000 американски долари пред да постигнат успех во 2018 година.

Морисон и Кинг останале на своите работни места до 2017 година, а сите дотогаш заработени пари биле наменети за плаќање на киријата на Бетџеман, за да може да продолжи да ги уредува нивните видеа со полно работно време.

„Ќе вложевме 500 долари на ден за снимање и ќе направевме пет скечеви“, раскажуваат тие. Актерите и камерманите често работеле бесплатно.

Тие биле премногу преплашени да ги напуштат работните места, но нивната напорна работа на крај се исплатела, па сега нивниот профил брои 3,5 милиони претплатници. Помеѓу август 2020 година и септември годинава, бројот на претплати пораснал за 59 отсто, а вкупните прегледи на видеата се зголемиле и до 95 проценти.

Тие денес плаќаат 50 луѓе кои работат за нив, од кои 40 се изведувачи. Снимањата ги чинат и до 50.000 долари дневно.

Нивните видеа ги објавувале на различни платформи, што било клучно, а најголем дел од приходите ги обезбедиле преку Фејсбук и Патрон.

Тие одбиле најмалку шест договори за филмови.

„Многумина сметаа дека тоа што го правиме не е финансиски исплатливо. Многу се боревме со ова – од тоа како нè гледаше остатокот од филмската индустрија до сопственото семејство и пријателите кои не веруваа дека можеме да заработиме за пристоен живот“, раскажува Кинг.

За време на пандемијата онлајн игрите обезбедуваа забава, поврзување, па дури и утеха за многумина, па затоа не е чудно што секторот бележи огромен раст, а со тоа и повеќе луѓе сега ќе можат да живеат од полно работно време играјќи игри.

Забележан е пораст кај луѓето кои ги играат потрадиционалните игри, како што е играта „Зандани и џинови“ (Dungeons & Dragons).

фото: Фејсбук страница на „Critical Role“

Зголемениот интерес за играта довел до зголемување на работниот обем на „Critical Role“, група од осуммина професионални гласовни актери од Лос Анџелес, САД, кои стримуваат видеа од нив додека ја играат „D&D“ во живо, често облечени како некој од карактерите на играта.

Нивниот тим бил составен од пријатели и колеги кои честопати ја играле играта приватно. Во 2015 година решиле да експериментираат со пренос во живо од играта и така откриле дека има ентузијастичка публика.

„Луѓето чувствуваат дека сме пријатели. Тие се дружат со нас четири часа без прекин и навистина знаат кои сме“, вели  40-годишната Лора Бејли,  која е дел од актерската екипа на „Critical Role“.

На почетокот нивното шоу било прикажувано на каналот „Geek and Sundry“ на Јутуб, но со текот на годините се развило во значаен медиумски бизнис, со сопствена продуцентска куќа, свои студија и вебсајт.

„Би-би-си“ пишува дека маркетинг агенциите коментираат како „Viva La Dirt“ и „Critical Role“ создале сосем нов жанр на забава. Тие веруваат оти и двете групи имаат најмалку седумцифрени приходи годишно и дека нивните бизнис модели се одржливи.