Судијата Владимир Панчевски во вечерашното гостување на „Топ тема“ на телевизија „Телма“, уште еднаш повтори дека како поранешниот претседател на Кривичниот суд не го злоупотребил автоматизираниот систем за управување со судските предмети (АКМИС). Тој додаде и дека во врска со овој случај се работи за предистражна постапка за друго лице, а не за него.
На новинарско прашање дали судските предмети ги распределувал рачно, тој негираше.
„База на податоци на сите предмети има во Врховен суд и никој не може да интервенира по завршување на тековниот месец. Потребно е посебно барање до Судскиот совет за да се изврши интеревенција. Не сум Џемс Бонд да правам паралелен систем и да местам случаи“, одговори Панчевски.
Во врска со објавување на снимката од претресот на Специјалното јавно обинителство во неговиот дом во медиумите, тој рече дека „во неговиот дом има налепница“ која информира за постоење на видеонадзор и во домот „може да снима и да прави што сака“.
На прашањето, дали додека бил претседател на Кривичниот суд трпел притисоци од политичарите, рече дека тој не познава политичари, немал контакти со нив, не бил фаворизиран од никого и на функцијата бил избран од Судски совет поради постигнати резултати во работата.
Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, со истражители од МВР, на 5 октомври изврши претрес во канцеларијата на Панчевски, против кого, како што тогаш изјави таа, СЈО води предистражна постапка поради злоупотреби на системот за распределба на судски предмети и за оддавање службена тајна.
Претрес беше извршен и во домот на Панчевски, за што тој изјави дека тогаш настапил целосен мрак за правдата во Македонија.