Палење депонија е кривично дело, инспекциите почесто да се на терен и да казнуваат, бара министерот Нуредини

Општините да не дозволуваат да се создаваат диви депонии и да се палат огнови на отворено, а инспекциите повеќе да казнуваат, за да се подобрат состојбите со загадувањето на воздухот и на животната околина, апелира министерот за животна средина Насер Нуредини. Тој денеска ги претстави приоритетите за својот нов мандат, а ги издвои аерозагадувањето, управувањето со отпадот, заштитата на природата и биодиверзитетот и обезбедувањето на чиста вода за сите.

Нуредини го потенцираше лимитираниот буџет на Министерството, кој ги ограничува инвестициите во важните проекти, но нагласи дека ќе продолжи да бара поголем дел од колачот од државниот буџет да биде вложен за заштита на околината. Најави интензивирање на инвестициите во обновливи извори на енергија, особено замена на нееколошките начини на греење во јавните институции, како и измени на законот за квалитет на амбиенталниот воздух кој ќе предвиди конкретни обврски за локалните самоуправи за справување со загадувањето со ПМ честички.

„Граѓаните мора да знаат дека фрлањето отпад и неговото палење се незаконски и се кривични дела, а општинските инспекции мора да ги казнуваат“, рече Нуредини и нагласи дека во наредниот период, пред да започне сезоната на греење, која се поклопува со зголемените концентрации на ПМ 10, ќе бидат поправени сите расипани мерни станици.

Набавени се сите делови потребни за поправка на расипаните мерни инструменти, а во план е да се зголеми и бројот на мерни станици. За полесно информирање на граѓаните за вредностите на квалитетот на воздухот Министерството ќе изготви нов транспарентен софтвер.

Нуредини најави шест нови закони кои го третираат прашањето на управување со отпадот со кои ќе започне селекцијата на гуми, масла, текстил и отпад од возила. За скопските депонии Вардариште и Визбегово вели дека се многу големи и скапи проекти, за чија ревитализација ниту Градот Скопје, ниту пак Министерството имаат доволно пари. Сепак најави дека ќе се работи на план за уредување на овие локации, но прретходно општините и Градот мода да се погрижат таму да престане фрлањето отпад.

За депонијата „Русино“, пак, која е камен на сопнување помеѓу локалното население, општината Гостивар и централната власт, вели дека е само транзициска локација, која ќе се користи во следните десетина години, а во иднина, ќе целиме кон што помало депонирање на отпад на класични депонии. Нуредини, сепак, не најави дека има можност да се бара нова локација која би ја заменила „Русино“.

„Имаме пари од швајцарската Влада за уредување на депонијата и доколку локалната власт во Гостивар го изготвеше инфраструктурниот план, досега ќе имаше изграден пат, мерни станици, прочистителна станица, како и објекти за вработените“, вели министерот.

Нуредини истакна дека завршен е и тендерот за компанија која ќе ја чисти малата депонија со линдан во „Охис“.

„УНИДО ја заврши административната процедура на потпишување на договор со избраниот понудувач, сега следи одобрувањето на деталниот план за ремедијација и активности за обезбедување на потребната документација за отпочнување со работа на терен и чистење на историската депонија“, додаде Нуредини.