fbpx

Падот на „кингерот“ не е диверзија, туку системски пропуст

-

Пред падот на авионот во кој загина македонскиот претседател Борис Трајковски немало експлозија, ниту пожар, а нема ниту траги кои би упатувале на диверзија или на терористички акт, е ставот на истражната комисија, наведен во извештајот, кој вчера бил предаден на обвинителството на Босна и Херцеговина и на министерството за сообраќај и комуникации на БИХ, јавува федералната телевизија на БИХ.

Извештајот на истражната комисија наредните денови, поточно в сабота, според најавите, треба да биде предаден и на македонското обвинителство.

Како што пренесуваат босанските медиуми, повикувајќи се на извештајот, на несреќата во која животите ги загубија членовите на целиот екипаж и патниците, меѓу кои и претседателот Борис Трајковски, влијаеле серија критични пропусти, настани и услови.

Директна причина за несреќата било спуштањето на авионот под минималното пропишано ниво, а на тоа влијаела недоволната, неквалитетна и нецелосна подготовка на екипажот за приод и за слетување, игнорирањето на информациите од контролата на летот за моменталната метеоролошка состојба, погрешното одредување на финалната точка за приод, што довело до предвремен почеток на симнувањето, исклучениот автопилот во фазата на приод, недоволната тимска работа на членовите на екипажот, неодржувањето на хоризонталниот лет од страна на пилотот и лошата реакција на копилотот.

Екипажот, која бил променет 15 дена пред летот, не бил доволно подготвен. Пилотот и копилотот само делумно биле запознаени со временската состојба, а авионот, иако имал уверение за воздушна пловидба, всушност, не бил „во состојба да лета“. Таканаречената црна кутија, која ги бележи клучните параметри за летот, била неисправна, а екипажот не ја извел стандардната подготовка за непрецизен приод. Да не бил исклучен автопилотот во завршната фаза на приоѓањето, авионот наместо да се сруши, би надлетал на висина од 68,82 метра, пренесува „Федерална.ба“.

За разлика од првата истрага, која како причина за несреќата ја наведува грешката на пилотот, оваа комисија по речиси двегодишна истрага утврдила и системски пропусти, кои индиректно довеле до несреќата.

Управата за цивилна воздушна пловидба на Македонија не била стручно, кадровски и организационо подготвена, како и секторот за авионски превоз и за одржување на авионите на Службата за општи и заеднички работи на македонската влада.

„Воздухопловните власти со своите пропусти довеле до тоа да опадне нивото на безбедност на целиот систем на цивилното воздухопловство во Македонија. Кај вработените во воздухопловството имало пропусти во системот за обука за посебни овластувања кои се впишуваат во дозволата за летање. Недоаѓањето на задолжителните годишни проверки на симулатор, како и честите прекини во континуитетот на летање, се одразиле на безбедноста и непосредно придонеле за несреќата“, пренесуваат делови од извештајот, медиумите во БИХ.

Како индиректна причина за несреќата Комисијата ја наведува и сложената метеоролошка состојба, но и несигурното навигациско средство. Имено, основно и единствено средство за непрецизен приод на аеродромот во Мостар е ДВОР/ДМЕ, кое е оценето како несигурно бидејќи на одредени позиции го губи сигналот поради конфигурацијата на теренот.

Во новиот извештај не се споменува одговорноста на СФОР за несреќата, иако своевремено имаше обвинувања на сметка на воената мисија, дека наводно 25 часа ја криеле локацијата на авионот.

„СФОР беа надлежни за вкупната состојба и за функционирањето на аеродромот во Мостар. Во тој контекст биле одговорни за контролата за летање, воспоставување и за изработка на процедура и точност на податоците во процедурата за приод. Исто така, системот за комуникација бил под надзор и во организација на СФОР. Услугите на контролата за летање ги давале воени контролори на летање на француските воздухопловни единици кои не поседуваат цивилна дозвола за контролор на летање“, стоело во извештајот, пишуваат босанските медиуми.

Ова е втора истрага за причините за несреќата во која покрај претседателот Трајковски загинаа уште осум лица.
Авионот со кој Трајковски патуваше на меѓународна конференција во Мостар, на 26 февруари 2004 година удри во ридот Матиќ, кај местото Ротимље, на само неколку километри од мостарскиот аеродром.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...