fbpx

Паднато дрво со денови закотвено во коритото на Вардар, на терен „галиите“ не се рушат [фото]

-

Паднато дрво и друг отпад со денови се закотвени во речното корито на Вардар во центарот на Скопје. Мета.мк на 2 и 9 јануари ја забележа препреката од дрво кај една од „галиите“ спроти Археолошкиот музеј, додека денеска истото дрво беше закачено на една од врбите и повеќе од една недела наназад не е отстрането.

Паднатото дрво снимено на 9 јануари; Фото: Мета.мк

Наталожениот отпад кај „галијата“ ја намалува проточноста на реката Вардар, но и собира друго ѓубре што го носи реката, а на ваквиот „пејзаж“ се сведоци бројните минувачи во центарот на Скопје.

Паднатото дрво снимено на 2 јануари; Фото: Мета.мк

Мета.мк вчера испрати прашања до Градот Скопје за тоа дали и кога планираат да го отстранат дрвото и останатиот наталожен отпад во речното корито во центарот на Скопје, но досега не добивме одговор на поставеното прашање.

Градските власти се одговорни за одржување на хигиената во Скопје, но и за проточноста на речното корито на Вардар.

Трите „галии“ коишто беа изградени во рамките на проектот „Скопје 2014“ го намалуваат протокот на речните води во центарот на Скопје, а градоначалничката Данела Арсовска во ноември лани најави дека ќе продолжи со рушењето на галијата спроти хотелот Холидеј Ин.

„За другите две треба да видам како стојат работите, до каде се постапките па потоа ќе се одлучи што ќе се прави. Јас не би урнала ништо“, изјави градоначалничката Арсовска пред два месеца.

Дупката во полусрушената галија; Фото: Мета.мк

Мета.мк на терен се увери дека всушност објектот во рекатта Вардар спроти Холидеј Ин во моментов не се урива. Нема градежни работници кои работат на отстранување на објектот, чиешто рушење го започна претходниот градоначалник Петре Шилегов. Тој го потпиша извршното решение за рушење на „галијата“, чиј ентериер веќе е отстранет. Сепак, самата конструкција на градбата изминативе недели не се руши, а заедно со натрупаниот отпад во коритото на Вардар, создава исклучително лош впечаток за хигиената во центарот на градот.

Фото: Мета.мк

Градот Скопје вчера го прашавме и кога ќе продолжи рушењето на „галијата“ спроти хотелот Холидеј Ин и што ќе прават со другите две „галии“ во коритото на Вардар, но одговори не добивме и на ова прашање. Претходниот градоначалник Шилегов ја почна постапката за уривање и на „галијата“ лоцирана кај МЕПСО, но за неа сè уште не е обезбедено извршно решение за рушење поради тужба на сопственикот.

Инаку, реката Вардар има добиено уредено корито по скопските поплави во 1962 година. Најголем дел од течението во Скопската котлина, од Сарај до железничкиот мост меѓу Трубарево и Лисиче е со две зони на заштита – минор и мајор корито, изградено во 60-тите и 70-тите години на минатиот век, со цел да го заштитат главниот град од евентуални поплави.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите

Со 78 гласа „за“, Собранието денеска го изгласа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите. Од Министерството за правда соопштија дека Законот има за цел решавање...