fbpx

Пад на индустриското производство во октомври од 5,2 отсто, бројот на вработените помал за 4,9 отсто

-

Индексот на индустриското производство во октомври 2020 година, во однос на октомври 2019 година, изнесува 94,8 односно тоа е намалено за 5,2 отсто, соопшти данеска Државниот завод за статистика (ДЗС). Како резултат на кризата што ја предизвика ковид-19 во нашата земја, за првите десет месеци од годинава се бележи и пад кај индексот на индустриското производство, во однос на истиот период минатата година, за дури 11,3 отсто.

По сектори, индустриското производство во рударство и вадење на камен во октомври 2020 година, во однос на истиот месец лани, бележи опаѓање од 1,5 отсто, во секторот преработувачка индустрија падот изнесува 6,2 отсто, а во снабдувањето со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, опаѓањето изнесува 3,7 отсто.

„Намалувањето во секторот преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: производство на прехранбени производи, на пијалаци, на текстил, на облека, на други неметални минерални производи, на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, на електрична опрема и производство на машини и уреди“, соопшти ДЗС.

Според главните индустриски групи, производството во октомври годинава, во споредба со октомври 2019 година, бележи опаѓање кај Енергијата за 0,2 отсто, Интермедијарни производи, освен енергија за 3,3 отсто, Трајните производи за широка потрошувачка за 35,4 отсто и Нетрајните производи за широка потрошувачка за 11,1 отсто, додека пораст бележи кај Капиталните производи за 1,3 отсто.

ДЗС исто така објави и дека е намален бројот на работниците во индустријата за 4,9 отсто, односно дека индексот на вработени во октомври 2020 година, во однос на октомври 2019 година, изнесува 95.1. За десет месеци од годинава, од јануари – октомври 2020 година, во однос на истиот период 2019 година, бројот на вработените во индустријата изнесува 95,1 или е намален за 4,9 отсто. 

Во Рударство и вадење на камен имало опаѓање на вработените за 0,9 отсто, во секторот Преработувачка индустрија од 5,3 отстo, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација во октомври имало за 1,6 отсто помалку вработени во споредба со октомври 2019 година. 

Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во октомври 2020 година, во однос на октомври 2019 година, најмногу се намалил кај Нетрајните производи за широка потрошувачка, за 5 отсто. 

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...