Грчкиот извоз се намалил за 8,1 отсто во првата половина од 2016 година. Годинешниот извоз се смета дека е на најниско ниво од 2012 година досега. Ако лани истиот период профитот од извезувањето грчки производи бил 12,8 милијарди евра, годинава тој е 11,9 милијарди евра.
Од Грчката конфедерација на извозници коментираат дека драстичниот пад од една милијарда евра во грчкиот извоз е показател за проблемите и за нестабилноста на грчката економија.
Оттаму истакнуваат дека нестабилноста, воведувањето на ограничувања на банкарските трансакции, долговите на државата кон приватните компании и новите високи даноци влијаат драстично на можностите на грчките извозници и ја отежнуваат нивната работа и финансиска одржливост.
Покрај домашните проблеми, се оценува дека причина за овој голем пад на грчкиот извоз се и меѓународните случувања, како одлуката за Брексит што го ниша европскиот пазар, кој е најголемиот клиент на грчките извозници.
Според конфедерацијата, најголем клиент на Грција и понатаму е Италија, а по неа се Германија, Кипар и Турција.
Покрај извозниците, со загуби се соочуваат и трговците во малопродажбата. Според последната анализа на грчкиот завод за статистика, во јуни малопродажбата опаднала за 5,2 проценти во споредба со истиот период лани, а како причина се наведува намалената потрошувачка поради намалените приходи на грчките граѓани.
Пазарот не успеал да „воскресне“ ни за време на големите летни попусти, кои траеја два месеци. Според статистиката на Грчката конфедерација на трговци, приходите од годинешните летни попусти опаднале за 9,7 проценти во споредба со профитот од ланските попусти.
Од конфедерацијата коментираат дека и покрај зголемениот број туристи во Атина во јули и во август, профитот останал на ниско ниво поради намалената потрошувачка и зголемените даноци, кои се смета дека значително влијаат на работата на трговскиот сектор.