Во однос на сите работи околу Преспанскиот договор, ќе оставам грчката влада да зборува за тоа. САД се фокусирани на зачленувањето на Северна Македонија во НАТО и на тоа ќе се насочиме и есенва, вели амбасадорот на САД во Грција, Џефри Пајат, во интервју за грчкиот весник „Катимерини“.

– Посебно во поглед на Преспанскиот договор, ќе оставам да зборува грчката влада. За мене е важно тоа што 27 години власта во Грција беше извор на фрустрација меѓу дипломатите на САД и нивните грчки соговорници. Повеќе нема каков било проблем во грчко-американските односи. Ние сме насочени на поддршка на учеството на Северна Македонија во НАТО. На тоа ќе бидеме фокусирани есенва, и во нашата соработка со Конгресот. Грција, се разбира, беше првата земја што го ратификуваше Протоколот за зачленување на Северна Македонија во НАТО, па вие го затворивте ова прашање – вели амбасадорот на САД во Грција.

Тој исто така вели дека САД ја поддржуваат грчката улога во Северна Македонија, односно во бизнис-соработката, но и на контролата на воздушниот простор на земјата од грчки воени авиони. Тој е посебно горд што Кејт Брнз е новиот амбасадор на САД во земјава.

– Ние ја поддржуваме улогата што Грција ја има во Северна Македонија. На пример, контролата на воздушниот простор на Северна Македонија, како што правите и во Црна Гора. Гледам големи можности за грчките бизниси во Северна Македонија. И, се разбира, многу сум горд што поранешната заменик-амбасадорка во Атина, Кејт Брнз сега е амбасадор во Скопје. На министерот за надворешни работи на Северна Македонија на конференцијата на „Економист“ му реков дека им испративме еден од нашите најдобрите дипломати – вели Пајат.