Озонската обвивка може да биде обновена за неколку децении, се вели во извештај на ОН

фото: Luc Tribolet на Unsplash

Човековата акција за зачувување на озонската обвивка функционира како што се очекуваше и може да закрепне за неколку децении, се вели во извештај на Обединетите нации (ОН), а пренесува Би-би-си.

Во проценката пишува дека меѓународниот договор од 1987 година, познат како Монтреалски Протокол, за прекин на употребата на штетните хемикалии кои го оштетуваа озонскиот слој, бил успешен.

Озонската обвивка е тенок дел од земјината атмосфера што апсорбира најголем дел од ултравиолетовото зрачење кое доаѓа од Сонцето. Ако се исцрпи озонската обвивка, ова зрачење може да стигне до површината на Земјата и да предизвика потенцијална штета по луѓето и другите живи суштества.

Озонската обвивка почна да се уништува во 1970-тите години, а „вината“ за уништувањето им беше препишана на хлорофлуоројаглеводородите, кои вообичаено се наоѓаа во спреј-конзерви, фрижидери и клима уреди.

Отворена дупка во слојот на озонската обвивка беше откриена од научници во 1985 година, а само две години подоцна беше потпишан и Монтреалскиот Протокол, со кој 46 земји ветија дека постепено ќе ги исфрлат од употреба штетните хемикалии. Овој договор подоцна стана првиот договор на ОН кој беше ратификуван универзално, а денес се укинати речиси 99 отсто од забранетите супстанци.

Во извештајот на агенции на ОН, САД и Европската Унија (ЕУ) се вели дека протоколот од Монтреал работи како што се очекуваше и се додава дека, ако се одржуваат сегашните политики, озонската обвивка ќе биде вратена на вредностите од 1980 година, пред да се појави дупката.

Според проценките, се очекува до 2066 година да се обнови озонската обвивка над Антарктикот, каде што осиромашувањето е најлошо. До 2045 година се очекува обвивката да биде обновена во делот над Арктикот, а за околу две децении на сите други места.

Иако осиромашувањето на озонот е штетно поради сончевото зрачење, тоа не е главна причина за климатските промени. Извештајот сугерира дека спасувањето на озонската обвивка има позитивен ефект врз глобалното затоплување, бидејќи некои од хемикалиите исфрлени од употреба со Монтреалскиот Протокол беа моќни стакленички гасови.

Иако извештајот беше поздравен како добра вест и како доказ дека брзата меѓународна акција за спречување на еколошки кризи може да функционира, во него се предупредува дека континуираното обновување на озонската обвивка не е загарантирано и дека истото е под ризик од повторно уништување поради други човекови акции. Таков пример е предлогот за ограничување на глобалното затоплување преку испраќање на милиони тони сулфур диоксид во горниот дел од атмосферата, за што се предупредува дека може драстично да го поништи обновувањето на озонската обвивка.