Овој четврток ќе биде Ден за кариерен развој за студентите на УКИМ

Настанот е отворен за сите студенти на УКИМ и на него ќе учествуваат над 30 етаблирани компании од земјава и странство, кои ќе имаат можност да ги презентираат можностите за вработување и практикантство

фото: Мета.мк

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во четврток организира Ден за кариерен развој за студентите со цел унапредување на нивните вештини и насочување во понатамошната кариера.

Денот за кариерен развој ќе се одржи на Техничкиот кампус на УКИМ – кај големиот паркинг на ФЕИТ и Машинскиот факултет, во периодот помеѓу 12 и 16 часот.

Настанот е отворен за сите студенти на УКИМ и на него ќе учествуваат над 30 етаблирани компании од земјава и странство, кои ќе имаат можност да ги презентираат можностите за вработување и практикантство – за време, но и после завршувањето на студиите.

Од УКИМ информираа дека студентите на настанот ќе можат да креираат и професионално CV, а кариерните советници ќе бидат достапни за непосреден разговор.

Претставена ќе биде и апликацијата за учење на знаковен јазик SignTalks – за полесно и поефикасно учење на знаковниот јазик со помош на вештачка интелигенција. Секој од посетителите ќе може да придонесе кон развој на базата преку снимање на видеа како се прават знаците.