Овчи сипаници и ентероколити, биле најчести заразни заболувања во мај

Во текот на месец мај, пријавени се три случаи потврдени на ХИВ и два случаи на СИДА, четири од машки пол и едно лице од женски пол, кои припаѓаат на возрасната група од 20-59 години

фото: Мета.мк

Најчесто регистрирано акутно заразно заболување во месец мај, се овчите сипаници со вкупно 445 пријавени лица. Тие во вкупниот број на заболени во месецот учествуваат со 49,3 отсто, а во групата на десетте најчести заразни заболувања за овој месец учествуваат со 50,2 отсто, наведено е во билтенот што го објави Институтот за јавно здравје.

„На второ место по број на пријавени заболени во месец мај се ентероколити, со 313 случаи. Во месец мај, пријавени се 379 случаи (42 отсто од вкупниот број на пријави) на заболени од групата на цревни заболувања“, пишува во билтенот.

Освен тоа, во групата на сексуално и крвно преносливи инфекции (без ХИВ/СИДА) се регистрирани 8 заболени лица. Пријавени се 4 случаи на инфекција со хламидија, два случаи на сифилис и по еден случај на вирусен хепатитис Б и гонореа.

„Во текот на месец мај, пријавени се три случаи потврдени на ХИВ и два случаи на СИДА, четири од машки пол и едно лице од женски пол, кои припаѓаат на возрасната група од 20-59 години. Регистриран е еден смртен случај од СИДА, претходно, пријавен како заболен во 2023 година“, пишува во соопштението.

Има два смртни случаи евидентирани во мај, како последица на акутно заразно заболување. Првиот случај е лице починато во април, но пријавата за смрт од заразна болест е пристигната во мај. Станува збор за лице oд Струмица на возраст од 47 година, од машки пол со дијагноза meningoencephalitis pneumococcica. Вториот случај е лице од машки пол, од Прилеп, заболено и пријавено во април. Станува збор за лице на возраст од 78 години, со дијагноза meningoencephalitis, со пропратни коморбидитети.