Оваа недела започнуваат уписите на ученици во прва година во средните училишта

Фото: Град Скопје

Пријавувањето и запишувањето на ученици во прва година, во јавните средни училишта во учебната 2020/2021 година ќе се реализира во еден уписен рок и истото започнува со првото пријавување на 16 и 17 јуни 2020 година, информираат од Град Скопје.

Уписите продолжуваат во второто и третото пријавување од уписниот рок на 24, 25 и 29 јуни 2020 година.

„Средните училишта на Град Скопје го организираат пријавувањето и запишувањето на ученици согласно Конкурсот за запишување на ученици во јавните средни училишта за учебната 2020/2021 година и Протоколот за постапување на средните училишта во Северна Македонија за време на запишувањето на ученици во прва година во учебната 2020/2021 година. Имајќи ја предвид пандемијата со Ковид-19 и потребата од воспоставување на безбеден начин на вршење упис, средните училишта на град Скопје воведуваат проширување на дефинираните термини за првото пријавување согласно очекуваната заинтересираност на ученици за упис и досегашното искуство. Утврдените временски термини се поставени на нивните веб-страни и комуницирани преку социјалните мрежи, а целта на проширените термини е да се овозможи максимална безбедност за сите кои се дел од процесот,“ се вели во соопштението.

Од учениците се очекува да имаат претходно пополнета Пријава која е електронски достапна како и претходно подготвена целосна документација со цел што пократко задржување во училиштето.

„Влезот во училиштето се ограничува само на учениците кои се запишуваат без придружба од родител/старател со исклучок на  ученици кои од оправдани причини се спречени самостојно да го извршат уписот, и во тој случај се дозволува присуство на еден родител/старател. Користењето на заштитна опрема како маски и  ракавици, оддржувањето на 2 метри физичка дистанца и целосно почитување на насоките од присутните редари е задолжително за секој посетител,“ се додава во соопштението.