Основните училишта „Имри Елези” и „Петар Здравковски-Пенко“ во скопските општини Чаир и Бутел не се единствените што имаат проблем со преголемиот број на ученици.

Уште еден случај на прекршување на законот откри редакцијата на „Порталб“ во основното училиште „Исмаил Ќемали“ во населбата Топанско Поле. Во ова училиште речиси сите паралелки се многу блиску до законски утврдената граница за дозволен број на ученици по паралелка, а тоа е 34, додека неколку од нив дури и го надминуваат овој број.

Директорката на ова училиште, Бурбуќе Имери, вели дека најоптоварени паралелки се тие од петто одделение, каде бројот на ученици во секоја паралелка е над 34.

– Речиси сите паралелки се преполни, но најголемиот проблем е со петтите одделенија и дневниот престој, во кои има по 39 и 40 ученици – изјави Имери за „Порталб“.

Таа рече дека општина Чаир е запознаена со состојбата во ова училиште.

– Разговаравме со општината и ни ветија дека ќе ни помогнат и дека ќе бидеме нивни приоритет. Но дури и да се отворат паралелки и да се вработат наставници, немаме каде да ги носиме, бидејќи имаме недостиг на простории. Ќе треба да се изградат најмалку 7 училници за да се реши еднаш засекогаш нашиот проблем. Или да се изгради ново училиште во овој регион – изјави Имери.

Наставниците велат дека е прилично тешко да се работи со толку голем број ученици во една паралелка.

Дополнително и родителите бараат нов училиштен објект и соодветни услови за образование на нивните деца.

– Како што гледате и самите, ова училиште има премногу ученици, би било добро општината да преземе мерки и да изгради ново училиште и еднаш засекогаш да го реши проблемот во ова училиште – велат некои од родителите.