Вклучувањето на граѓаните во донесувањето одлуки е сржта на демократијата, посебно на основното ниво, во полето на локалната самоуправа, а тоа може успешно да се оствари само со едуцирање на граѓаните за нивните права и одговорности, но и отворање на податоците и соодветна дигитална опременост, од описменување до овозможување дигитални алатки. Тоа се основните цели за кои секоја држава, секоја власт мора да се залага. Ова беше генералниот заклучок на говорниците на втората сесија на шеснаесеттото издание на конференцијата „е-Опшество.мк – Вклученост и ефективност – доброто владеење и интернетот“, која се одржува денеска и утре (25 и 26 ноември 2020 година), онлајн на платформата ZOOM.

Во сесијата насловена „Отворени процеси и податоци – клуч за добро владеење“, за нивните искуства, согледувања и препораки зборуваа Руди Борман од OGP Local, (Отворено владино партнерство на локално ниво) Кристина Јованова од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Гордана Гапиќ – Димитровска од Министерството за информатичко општество и администрација и Блерина Рамај од граѓанската организација Open Data Kosovo (Отворени податоци – Косово).

Марија Николоска – Арсовска од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ – организатор на конференцијата, нагласи дека отворените институции на државно ниво и отворените општини, но и отворените податоци треба не само да ги оспособат граѓаните за нивното демократско учество, туку и да создадат култура на чесност и на отчетност кај власта на секое ниво.

Руди Борман, раководител на „OGP Local – Open Government at the Local Level“, гранка на Open Government Partnership (Отвореното владино партнерство) претставувајќи ја работата на својата организација, посочи дека по речиси 10 години работа на OGP и четири години од проектот за поттикнување на владите да се отворат повеќе на локално ниво, следниот предизвик на кој што работат е да се поттикнат локалните самоуправи да ги отворат, односно да ги објавуваат во машински читлив формат своите податоци и тоа во што е можно поголем обем, но и да се идентификуваат корисниците и да се оспособат да ги користат тие податоци, притоа формирајќи и цели заедници на корисници кои ќе соработуваат врз основа на овие податоци.

„Сега сме во третиот бран во поглед на отворените податоци. Значи, не само објавување на отворени податоци, туку и развивање стратегии за податоците – кој ќе ги користи… Треба да идентификувате кому му се потребни тие податоци. Следното е да се формираат коалиции, за користење и обработка на податоците, за тие да станат покорисни. Притоа, битно е да се насочат напорите за отворени податоци кон локално ниво, што стана посебно значајно во време на пандемијата на ковид-19, кога видовме дека локалните власт интензивно почнаа да пласираат податоци на ниво што досега не е видено, посебно во поглед на капацитетите што се објавуваат – за број на болнички кревети, лекари….“, нагласи Борман.

Учеството на граѓаните во донесувањето одлуки и креирање политика на локално ниво, односно партиципативното учество, мора да го сфаќаме и негуваме како еден од глобалните столбови на демократијата. Таа всушност почнува на локално ниво, односно ако ја немате тука, не може да имате ни демократија на централно ниво, порача Кристина Јованова од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

„Северна Македонија дава голема автономија на локалната власт, но учеството на граѓаните на локално ниво е постојан процес. На изборите сѐ започнува, целата приказна почнува тука, тоа е еден континуиран процес во којшто на граѓаните мора да им се даде право да бидат дел од донесувањето одлуки. Но за тоа мора да бидат едуцирани и мотивирани, да ги знаат своите права и обврски, треба да имаат сфатено дека е важно да учествуваат во власта. Затоа е потребно да се доставуваат квалитетни информации, пред сѐ од локалните самоуправи, но за тоа се потребни и модерни инструменти и информации. Граѓаните на Северна Македонија уште не сфаќаат колкава моќ всушност имаат во рацете“, рече Николова.

Зборувајќи за недостатоците во сегашната ситуација, односно предизвиците што треба да се надминат, таа напомена дека во земјава сѐ уште има огромна недоверба кај граѓаните кон власта, поради изминатите повеќе од една деценија на едно друг владеење, кога демократските процеси не биле во најдобра состојба и затоа властите мора да се трудат за да ја обноват таа доверба.

„За тоа треба да се подобрат и пристапот до информаци и на граѓаните и комникацијата меѓу граѓаните и носителите на одлуки. Тоа е проблем посебно во руралните општини, каде што нема многу дигитални алатки, но сеедно, локалната власт мора да настојува да ги информира граѓаните. Општините мора да имаат систематски пристап, инструменти за граѓанско учество, пред се во креирањето на буџетот“, рече Николова, истакнувајќи позитивни примери од Струмица и Виница, за консултациите на граѓаните преку месните заедници, како и за граѓански иницијативи за измена на Генерален урбанистички план (ГУП).

Гордана Гапиќ – Димитровска од МИОА, истакнувајќи ги придобивките од учеството на земјава во Отвореното владино партнерство уште од 2012, посочи дека во своите напори за отворање на податоците на државните институции, Министерството за информатичко општество и администрација има огромна поддршка од граѓанското општество, особено од Фондацијата Метаморфозис, заедно со која во изминативе пет месеци и многу напори е постигнато уште пет државни институции да објават отворени сетови податоци, односно податоци во машински читлив формат.

„Сега има 55 институции, што е подобро од порано но не е доволно. Сепак, ние не сме богата земја, не можеме да очекуваме сè да биде објавено, но треба да стремиме кон тоа. Ќе бидат потребни трпение и разбирање во овој процес на отворањето на податоците. Кога сме тука, многу сум среќна со Свети Николе, првата општина што е во Отвореното владино партнерство на локално ниво, кое ќе може да предводи други општини во изминативе години“, рече Гапиќ – Димитровска.

Иако тековниот предизвик на Министерството – да се крене свесноста на јавната администрација и институциите, нешто на што се работи долги години е далеку од совладан, таа рече дека следниот предизвик е да се оспособат граѓанските организации, академската сфера, трговските комори и други субјекти да почнат поинтензивно да ги користат и обработуваат објавените отворени податоци.

Блерина Рамај од „Отворени податоци Косово“, зборувајќи за предизвиците на Косово, нагласи дека најголемиот проблем со кој се соочуваат се недостигот на дигитална инфраструктура но и дигитална оспособеност на јавните службеници. Друг проблем што мора да се надмине е и несовпаѓањето на форматите на податоците од различни институции, како оние на Министерството за образование и Бирото за статистика.
„Следен предизвик е да се поттикнат и обучат и граѓанските организации, но и новинарите да ги користат отворените податоци за јавно добро. Новинарите посебно треба да бидат заинтересирани за нив. Сега, иако има портал за отворените податоци, речиси и нема симнувања на сетови податоци или кликови – потенцира Рамај на шеснаесеттото издание на Конференцијата „е-Општество.мк – Вклученост и ефективност – доброто владеење и интернетот“, која се одржува денеска и утре (25 и 26 ноември 2020 година), онлајн на платформата ZOOM.

Конференцијата продолжува утре (26.11.2020 г.) од 10:00 часот. На утрешниот ден во две посебни сесии ќе се говори за улогата на истражувачкото новинарство кон доброто владеење, како и отвореното дигитално образование. Денот ќе заврши со онлајн работилница на тема „Безбедност и приватност-клучни предизвици во дигитализацијата на образованието“. Повеќе детали за говорниците кои ќе имаат свои излагања во текот на утрешниот ден на следниот линк: e-society.mk.