Сузбивањето на корупцијата преку зголемена транспарентност на институциите и активна соработка со граѓаните и граѓанските организации е клучно за зајакнување на довербата во локалната самоуправа, а токму дигиталните технологии можат да помогнат за ефективна борба против корупцијата на локално ниво. За да се измери отвореноста на единиците на локалната самоуправа Фондацијата „Метаморфозис“ во партнерство со Рурална коалиција, подготвија процена на доброто владеење на општините за 2025 година врз основа на сеопфатно емпириско истражување преку Индексот на отвореност.

Истражувањето покажува дека во споредба со 2024 година кога локалната самоуправа во просек исполнувала 37% од индикаторите за отвореност, во 2025 година просекот на отвореност достигна 40% што е пораст за 3% во една година. Годинава, наодите од Индексот на отвореност покажаа дека најотворените опшини се Крива Паланка, Берово и Демир Хисар, а во однос на 2024 година има поместувања во рангирањето, односно наместо Битола, најотворена општина е Крива Паланка. Најзатворените општини, според наодите од Индексот на отвореност се Демир Капија, Сопиште и Лозово и Студеничани.

Фото: Метаморфозис

Од мониторираните 80 општини и Градот Скопје, исполнување на над 50% од индикаторите на Индексот на отвореност имаат 21, од кои 11 поголеми и 10 помали опшини, со под 30.000 жители. Исполнување на индикаторите од 25% до 50% имаат 44 опшини, помеѓу кои 11 поголеми и 33 помали. На дното, исполнување на под 25% од индикаторите на Индексот на отвореност имаат 16, помеѓу кои една поголема опшина и 15 помали.

„Овие наоди покажуваат дека степенот на отвореност на локалните самоуправи не е право пропорционален со големината на ЕЛС. Напротив, посветеноста и иницијативата на поединци од локалната администрација се покажуваат како клучен фактор за унапредување на транспарентноста и отвореноста“, посочуваат од Метаморфозис.

Фото: Метаморфозис

Во споредба со 2024 година кога просекот на отвореност беше 37 отсто, пет општини се искачија над просекот од 2025 година, 40 отсто, меѓу кои се Босилово, Кратово, Македонски Брод, Пехчево и Радовиш, додека под просекот се симна само Карбинци. Во 2024 година, 42 општини беа под просекот на отвореност, додека годинава таа бројка се намали на 38.

„Овогодишното истражување покажа дека општините исполнуваат 18 отсто од индикаторите опфатени во областа отворени податоци, што гледано неколку години наназад означува бавен напредок. И покрај овие ниски резултати, постојат неколку добри примери што се активно посветени на подготовка и објавување отворени податоци. Во оваа област најдобри резултати имаат Демир Хисар и Карпош, додека најниско рангирани се Демир Капија, Лозово и Сопиште“, стои во извештајот.

Преку проектот „Дигитална  трансформација на локално ниво (ДИГИЛОК) – Вклучена заедница за отпорност на корупција” кој е поддржан од владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас, беше дадена менторска поддршка за отвореност за девет општини меѓу кои Крива Паланка, Кочани, Штип, Аеродром, Демир Хисар, Струга, Валандово, Неготино и Гостивар, со која им се помогна на општините да ја подобрат својата отвореност кон граѓаните за 2 до 13 отсто, со цел да се поттикне поголемо и поинформирано учество на граѓаните во локалните процеси на одлучување. Тие општини се дел од дигиталната платформа мЗаедница, која е алатка за поголемо граѓанско учество со нова функционалност за онлајн консултации.