Отворено писмо на Игор Јанев со поддршка за ФРОДЕМ

Игор Јанев, правен експерт од македонско потекло, член на неколку престижни меѓународни здруженија за меѓународно право и за меѓународни односи, преку отворено писмо до јавноста се огласи со подршка на Фронтот на демократска Македонија (ФРОДЕМ).

– Подготвен сум и лично да придонесам како член на ова организација во остварувањето на нејзините цели, во ситуација на неразбирање и на непознавање на меѓународната состојба во врска со интересите на Република Македонија, а со надеж дека само нови политички сили со поголемо чувство за национални интереси ќе можаат да дејствуваат во правец на заштита и на одбрана на правниот идентитет (името), меѓународно-правната личност и на државноста на Македонија – вели Јанев во писмото.

Тој вели дека е ова кризен момент за Република Македонија, кога основните вредности се распаѓаат и кога секој Македонец треба да искаже висока свест и чувство за национален интерес и да направи обид конструктивно да придонесе во оваа критична состојба.

Јанев му забележува на премиерот Никола Груевски што не ја искористил исклучително важната шанса во Генералното собрание на ООН на 2 октомври 2015 година да ги повика земјите-членки на Генералното собрание на ООН да ја признаат Македонија, било билатерално или колективно, под уставното име Република Македонија.

– Уставното име на една држава е правен идентитет на ваков субјект во меѓународните односи. Државите немаат ексклузивни права на имиња во меѓународното право и во меѓународните односи. Со други зборови, во говорот на премиерот Груевски требаше да се искаже став дека ние повеќе од две децении имаме нелегална референца (Поранешна Југословенска Република Македонија) и потоа да се повикаат сите земји-членки на ООН да одлучат Македонија да го продолжи своето членство во ООН под уставното име  – пишува Јанев.

Во писмото, Јанев потсетува дека нелегалната референца е придружена со нелегалните преговори за сопственото уставно име со друга држава – Грција.