Отворено кино „Мирно лето“ во Кинотека со 12 филмски прикажувања до 17 август

Сцена од македонскиот филм „Мирно лето“: Фото: Кинотека на РСМ

Кинотека на Северна Македонија организира отворено летно кино, на кое во периодот од 30 јули до 17 август ќе се одржат 12 филмски прикажувања за љубителите на седмата уметност. Во дворот во Кинотеката, во овој период ќе бидат прикажани филмовите „Убиството на светиот елен“, „Студена војна“, „Паразит“, „Павароти“, „Мирно лето“, „Каде припаѓаме?“, „Хронофобија“, „Тие“, „Битлси: осум дена во неделата“ и „Скитникот од плажата“.

Филмските проекции се закажани со почеток од 20 или 21 часот, а цената на билетите е 100 денари. Како и досега, проекциите ќе се одвиваат според актуелниот Протокол за организирање јавни настани, така што бројот на присутни во гледалиштето ќе биде строго ограничен. При влез во дворот и објектот, потребна е задолжителна дезинфекција на рацете, задолжително носење на маска или заштита преку устата и носот и задолжително одржување на дистанца додека се следи проекцијата.

Кинотеката одлучи нивното летно кино да се вика „Мирно лето“, во чест на македонскиот филм на режисерот Димитрие Османли, којшто ќе се прикаже на програмата на 5 август, со почеток од 20 часот. За време на проекцијата ќе бидат прикажани и неколку артефакти инспирирани од филмот и неговиот автор, меѓу другото, и карикатури од Василије Поповиќ-Цицо и Дарко Марковиќ.