Отворено е гласањето за номинираните кандидати за Наградата за младинско учество

фото: НМСМ

Агенцијата за млади и спорт (АМС) и Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) ја повикуваат пошироката јавност да гласа за кандидатите за овогодинешната Награда за младинско учество во трите категории – индивидуално, категорија на неформални групи на млади и категорија за младински организации, организации за млади и чадор младински организации.

„Наградата за младинско учество препознава иницијативи на млади, неформални групи на млади и младински организации, организации за млади и чадор младински организации кои укажуваат: јасна визија за подобрување на заедницата кои се системски и одржливи во решавањето на приоритетните општествени прашања; исклучителна креативност, иновативност и лидерство во дефинирањето и решавањето на општествени прашања и носат мерливи резултати во подобрувањето на заедницата или благосостојбата на општеството преку активностите на номинираниот“, целат од АМС и НМСМ.

Годинава, во индивидуална категорија номинирани се Горазд Китановски, Изабела Јакимова, Лука Павиќевиќ, Марија Бургиева и Станиша Станковиќ.

Во категоријата неформални групи номинирани се GEN-W, ODAS, Младите на Една може, ТАКАT и PERIOD Скопје.

Во категоријата за младински организации, организации за млади и чадор младински организации, пак, номинирани се Здружението Гоу Грин, Здружението Лидери за едукација, активизам и развој (ЛЕАД) и Здружението за општествена акција, едукација и превентива (ЕАСП).

Повеќе информации за номинираните, како и гласањето за кандидатите можат да се најдат на овој линк, а гласањето официјално ќе заврши на 2 август.