Отворени три еко зони во Скопје со полначи за телефон на сончева енергија

Фото: „Гоу грин“

Зоолошката градина, скверот „Јадран“ во центарот на градот и паркот „Шопен“ во Општината Кисела Вода се првите три „Гоу Грин“ еко зони во Скопје. Овие еколошки катчиња на минувачите им нудат место каде што ќе можат да ги наполнат телефоните или таблетите со сончева енергија, бесплатен интернет, како и сензори за мерење на квалитетот на воздухот. Имаат и „паметни“ клупи на кои може да се седне, а оплеменети се и со зеленило и канти за селекција на отпадот.

„Гоу Грин“ еко зоните беа отворени вчера во присуство на амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, директорот на Центарот за развој на Скопскиот плански регион, Љупчо Кец Мицковски и Горјан Нацевски од „Гоу Грин“.

„Ова е одличен пример за соработка на јавниот и граѓанскиот сектор. Интересно е што иновативната паметна клупа ги кани луѓето да седнат да си ги наполнат телефоните и да го проверат квалитетот на воздухот“, изјави швајцарската амбасадорка Сибил Стуер.

Фото: „Гоу Грин“

Зоните, според активистите на „Гоу Грин“, се поставени на овие локации за да допрат до најмладите и да ги актуелизираат прашањата за климатските промени, квалитетот на воздух, сончевата енергија и рециклирањето на секундарни суровини.

„Целта на проектот е да создадеме еко-иновација со која ќе допреме пред се до младите луѓе, да им покажеме како се користат обновливите извори на енергија, особено за секојдневните активности“, вели Горјан Нацевски.

Поставувањето на зелените зони е овозможено преку проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ од Швајцарската агенција за развој и соработка, имплементиран од Скопскиот плански регион и здружението „Гоу Грин“, поддржан и од Општина Центар и Фондот на холокаустот на Евреите.