Македонскиот национален комитет при Светските обединети колеџи (UWC) ја отвори апликациската сезона за новата генерација средношколци кои сакаат да се образуваат на едно од 18-те училишта низ светот. Рокот за аплицирање е до 15 ноември.
„UWC“ е мрежа на средни училишта во држави како САД, Германија, Канада, Норвешка, Кина, Индија, Сингапур и Танзанија. Секоја генерација брои околу 100 ученици од повеќе од 70 различни земји, кои заедно живеат и учат за време на двегодишното образование.
Македонскиот комитет секоја година доделува 8 до 12 стипендии за ученици од целата држава. Образованието се заснова на меѓународната матура (IB диплома), а стипендиите се доделуваат врз основа на потребите на семејствата на кандидатите.
Право на аплицирање имаат средношколци кои се во втора или трета година. Апликацијата се состои од седум кратки прашања и два подолги есеја, по што следи селекциски процес со интервјуа во живо и онлајн.
Минатата година на „UWC“ заминаа 11 ученици од Македонија, а претходната 12.
До рокот за аплицирање ќе се одржуваат информативни сесии преку Зум секој викенд, на кои можат да присуствуваат заинтересирани ученици, родители и професори. Распоредот е објавен на веб-страницата на македонскиот „UWC“ комитет www.mk.uwc.org, каде се достапни и повеќе информации за процесот на аплицирање.
