Отворена стрип изложбата „Цртање на приказни“ во МКЦ, авторите бараат поголем простор на јавната сцена

Фото: Мета.мк

Изложбата на стрипови „Цртање приказни“ на седум стрип автори вчера вечер беше отворена во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје. Посетителите имаа можност да се запознаат со авторските дела на Иванка Апостолова, Гаја Смилевска, Матеј Богдановски, Владимир Лукаш, Вук Митевски, Иван Ивановски и Ѓорѓе Јовановиќ, пропратена со свирка на музичкиот состав „Цвеќарница“.

Изложбата прикажува стрипови на седум автори од повеќе генерации, со особен фокус на нивните стрип-дела работени по мотивите на современи македонски писатели или во комплетно авторство (цртеж и текст) на авторите.

Иванка Апостолова, една од авторките кои се претставени на изложбата, за Мета.мк вели дека концептот на изложбата бил доста отворен, така што можела да направи комбинација на постари и понови дела во форма на дигитална изложба во изложба, која што оди на монитор и фрагменти, односно ги прикажува дигиталните копии од нејзините оригинали со исечени фрагменти во слободна композиција, навидум ореол на мониторот.

Авторката Иванка Апостолова, фото: Мета.мк

„Повеќе сум склона кон кратки наративни форми“, објаснува авторката Апостолова, која додава дека активно е ангажирана во стрипот од 90-тите години, но во последниве 10 години прави пауза, бидејќи е посветена на театарот.

„Ме провоцира повеќе креативна слобода, морам да признаам. За разлика од класична поставка и развој на една стрип приказна, која што за разлика од мои други колеги коишто перфектно го работат тоа, јас имам поинаков пристап. Овој ресет ми е право освежување“, изјави за Мета.мк авторката Иванка Апостолова.

Таа се надева дека ваква групна изложба на стрип автори од различни генерации ќе постане некаква традиција, за барем еднаш во годината различни луѓе да се собираат во некаков нов контекст на групно изложување, со цел да се одржува свежината на стрипот, и оној класичен и оној алтернативен.

Мета.мк поразговара и со младата стрип-авторка Гаја Смилевска, која ни појасни дека без добиената покана за учество на оваа изложба можеби и немало да го заврши претставениот стрип.

„Не ми е прв пат да се обидам да правам стрип серијал, но досега не сум осеќала волку ентузијазам додека мислам и правам проект. Многу сакам историски драми, но не од типот на драми кои ги слушаме на вести, туку мали интимни приказни со допадливи ликови чии проблеми алегорично рефлектираат и на тешкотиите на денешни луѓе“, го објаснува Гаја Смилевска творечкиот пат на нејзиното дело.

Авторката Гаја Смилевска; Фото: Мета.мк

Таа ни спомена дека стрипот претставен на изложбата го почнала по враќањето дома за време на пандемијата, време кое пред сѐ било тешко, меѓутоа фундаментално ја променило како личност.

„Не би бил човекот кој сум денес без тие 2 години. Патот назад дома ми покажа кои ми се всушност приоритетите, и во овој стрип го следиме главниот лик како се справува со истото, само некои 800 години пред нас“, посочува Гаја.

Младата авторка вели дека гледа голема празнина во македонската стрип сцена, а имаме одлични уметници кои прават дела што се по церебрални, некако метафизички недопирливи.

„Ми фалат наративни приказни кои се малку по down to earth, во кои луѓе можат да следат ликови кои навреме наликуваат на нив, во приказна која ги потсеќа на нивниот дом. Пред сѐ, ова е мој обид да си направам место за себе во простор каде претходно не се осеќав дека припаѓам“, ни изјави Гаја Смилевска.

Инаку, изработениот стрип на Гаја Смилевска, којшто е претставен на изложбата, може да се погледне и онлајн на следниов ЛИНК.

За сите останати заинтересирани посетители на групната изложба на стрипови „Цртање приказни“, ве информираме дека истата ќе биде отворена во изложбениот салон на МКЦ до 16 јуни.