Отворена порта: И десетгодишни деца се жртви на трговија со луѓе

фото: РСБСП

Ако пред десетина години возрасната граница на децата – жртви на трговија со луѓе била од 16 години нагоре, сега таа се намалува и жртвите се од 10 до 17 години. Најмалата жртва на трговија со луѓе кај нас, според податоците на Отворена порта, во критичниот момент имала само 10 години. Ова беше истакнато денеска по повод Европскиот ден за борба против трговија со луѓе. Според податоците на Отворена порта, во критичниот момент детето имало само 10 години, а во моментов ова здружение, дел од мрежата Ла Страда, асистира шест жртви на трговија со луѓе и сите се деца.

„Употребата на интернетот и технологијата ги изложува децата на ризик. Во ковид периодот децата станаа посебно ранливи скриени зад компјутерите и преку користење на ЈуТјуб, Снеп чет, Твитер и Инстаграм, стапуваат во контакт со лицата кои ги познаваат или не ги познаваат“, рече Јасмина Димишковска Рајковска, директорка на Отворена Порта.

Ова здружение спровело истражување чии резултати покажале дека децата ги користат овие платформи и неретко имаат повеќе акаунти на иста платформа. Затоа, често се случувало две деца да делат ист акаунт за забава, но тука најголем дел од нив стапиле во контакт со лица кои не ги познаваат, а подоцна дел од нив оствариле и физички контакт со такви лица и овој факт е загрижувачки и ги доведува децата во голем ризик.

Предаторите, според директорката, лесно може да манипулираат со децата кои се најранлива категорија и се потенцијални жртви на онлајн експлоатација, а трговијата со луѓе се случува и лице во лице и таа опфаќа повеќе облици на експлоатација: сексуална, трудова, питачење, продавање на органи, принудни бракови.

„Овие видеа некогаш одат во живо, некогаш се споделуваат на порнхабови, некогаш се споделуваат меѓу пријателите. Такви видеа на деца се шират меѓу децата, снимени од самите деца и тоа е еден од ризиците кадешто предаторите стигнуваат до тие видеа и потоа почнуваат преку присила и преку закани да ги тераат децата со вршење на чинови коишто се недолични за нив и истите понатаму ги продаваат и препродаваат на одредени сајтови и некогаш одат и во живо“, вели директорката.

Како дел од одбележувањето на Европскиот ден за борба против трговија со луѓе, МВР заедно со партнерите од ОН, Советот на Европа и Отворена порта делат брошури за подигање на свеста на учениците за опасноста од злоупотреба на компјутерската технологија низ 33 училишта во земјава. Децата може да го користат и СОС бројот на Отворена Порта 0888 11111, каде од стручен персонал може да добијат насоки за нивна заштита од трговија со луѓе, а може да пријават и злоупотреба.