Отворена нова канцеларија на МладиХаб за младите во штипскиот регион

Фото: МладиХаб

Во рамките на проектот „МладиХаб – градење на вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување на младите“, вчера со настан за вмрежување и концерт во живо се отвори нова канцеларија, а воедно првата регионална МладиХаб канцеларија во Штип.

Новата канцеларија е сместена во просториите на НУ Центарот за култура „Ацо Шопов” и е предвидена да служи како простор за работа, вмрежување и организирање на активности што бесплатно ќе им стои на располагање на младите во регионот.

На отворањето присуствуваа млади лица од општината и регионот, градоначалникот на Општина Штип, Директорот на Центарот за култура „Ацо Шопов“ и Ендру Бренд, Програмски раководител во Британската амбасада во Скопје.

„Јас силно верувам во младите и нашата институција е силно фокусирна кон профилирање и градење на нивните творечки и уметнички капацитети, затоа што секој чекор од нивна страна е искрен и со желба за подобра иднина во нашата земја”, изјави Горан Трајков, директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“.

Настап на бендот „The Ringtones“ за време на отворањето

Програмскиот раководител во Британската амбасада, Ендру Бренд ја истакна инвестицијата во младите како цврста основа што ги мотивира да се справат со нови предизвици и да допринесат кон развојот на државата, а со тоа да обезбедат посветла иднина за сите граѓани на Северна Македонија.

„Кога инвестираме во младите и им даваме можности да научат нови вештини и да ги развијат своите капацитети, тоа истовремено им помага и ним и на нивните заедници. Поопширно, ваквата поддршка обезбедува“, појасни Бренд.

Со отворање на првата регионална канцеларија, Националниот младински совет на Македонија цели да го прошири својот опфат и да вклучи што повеќе млади во своите проектни активности.

„Како организација која ги застапува интересите на младите во државата, посветено работиме на создавање одржливи системи за поддршка на млади на локално и национално ниво. Веруваме дека отворањето на МладиХаб канцеларијата во Штип ќе креира многу нови можности за младите во Источниот регион и ќе ги поврзе со организациите и институциите кои нудат помош и поддршка за млади”, истакна Мариана Ангелова, Генерален секретар на Национален младински совет на Македонија.

МладиХаб канцеларијата во рамки на проектот финансиран од Британската амбасада во Скопје и спроведуван од Национален младински совет на Македонија во соработка со CEED Hub Скопје функционира повеќе од две години и секојдневно се користи од страна на младите како простор за организирање на состаноци, средби, работилници и настани.