fbpx

Отворена јубилејната 55. Летна школа за македонскиот јазик и култура во Охрид

-

Расте интересот за изучување на македонистиката на странските универзитетски центри. На јубилејната, 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) има најголем број учесници последниве години. Покрај учесници од земјите во коишто се изучува македонистиката, годинава има учесници и од земји чиишто универзитети може во иднина да станат нови центри каде што ќе се изучуваат македонскиот јазик, литература и култура.

Ова меѓу другото беше истакнато денес, на свеченото отворање на 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, којашто се одржува во Охрид и ќе трае до 2 септември.

На отворањето во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид се обратија претседателот на државата, Стево Пендаровски, ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Фото: Меѓународен семинар за македонски јазсик, литература и култура, 19 август 2022

„Сѐ додека има говорници на еден јазик тој ќе постои. Сѐ додека постоиме и говориме на македонски, ниту една негација, фуснота, забелешка или што и да е, не ќе може да ја прикријат вистината. Сите ние кои ги изговараме македонските зборови сме гарант за неговото постоење и сила. Ниту еден документ, декларација, изјава, не можат да обезбедат постоење и траење на еден јазик, ако не е жив односно ако никој не го употребува. Затоа секој во рамките на своето опкружување, во својот дом, во професионалната средина, на местото на разонода, спортување, на културни настани, во духовните храмови, кога размислуваме и беседиме, да глаголиме на македонски и на тој начин да го шириме универзумот на македонскиот јазик“, истакна во своето обраќање, претседателот Пендаровски.

Обраќајќи им се на семинаристите на Школата, тој посочи дека очекува Семинарот да ја зајакне нивната лингвистичка врска со нашата земја, литература и култура, но и со македонските граѓани.

Како што нагласи, учесниците на Летната школа градат трајни мостови кои ги поврзуваат луѓето, народите и културите и чест и задоволство за нас е што токму македонскиот јазик е сврзувачката нишка за многумина од нив кои им припаѓаат на различните држави и култури.

„Во универзумот на македонскиот јазик како наша единствена комплетна татковина, да го цитирам Конески, се вградени ставовите, погледите, чувствата, идеите на нашите предци, на нас самите и на нашите идни поколенија. Среќни сме што пет и пол децении македонскиот јазичен универзум посветено и со отворено срце го посетуваат илјадници добронамерници оставајќи ги своите траги и траен придонес“, нагласи претседателот Пендаровски.

Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски ја истакна бројноста на учесниците на Школата и на земјите од коишто тие доаѓаат. Тој изрази задоволство што преку програмата на ова исклучително значајно, јубилејно издание на Летната школа, професори од некои од факултетите при УКИМ, со предавања од областа на македонската култура за првпат ќе се вклучат во програмските активности на МСМЈЛК.

„Ова дополнително укажува дека мисијата на МСМЈЛК при УКИМ за афирмација на македонистиката и во тие рамки за промоција и на македонската култура постојано добива нови, поголеми димензии, при што Семинарот се издвојува како централното јадро на најстариот универзитет во земјата во промоцијата на македонскиот јазик, литература и култура во светот“, истакна ректорот на УКИМ.

Семинаристите на Школата и сите присутни на отворањето, срдечно ги поздрави и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, Весна Мојсова-Чепишевска.

„Ние, 55 години како МСМЈЛК неуморно го браниме и народниот и стандардниот македонски јазик. Ние 55 години го пренесуваме и духот на нашите претходници и им ја всадуваме љубовта кон тој наш јазик на странските македонисти. Ако ја прифатиме мислата на Видгенштајн која гласи: „Границите на мојот јазик се поистоветуваат со границите на светот.“, тогаш, и границите на македонскиот јазик преку вас, изучувачи на македонскиот јазик од 17 земји на оваа 55. Летна школа, како и на сите досега 55 летни и 2 зимски школи, се поистоветуваат со границите на светот“, порача меѓу другото, Мојсова-Чепишевска во своето обраќање.

Таа потсети на фактот за суштинското значење на Школата и воопшто на влогот во странските македонисти и работата на МСМЈЛК за државата.

Мојсова-Чепишевска им посака успех на семинаристите – посветеници на македонистиката, осврнувајќи се и на програмските содржини на Школата.

Фото: Меѓународен семинар за македонски јазсик, литература и култура, 19 август 2022

Утре ќе се одржи и првото предавање, а семинаристите веќе следат и лекторска настава, со над 50 часа до крајот на Школата.

Покрај наставата, во текот на Школата се предвидени и промоции на книги, учества на семинаристите на културни манифестации итн.

Директорката, Мојсова-Чепишевска посочи дека покрај 55 годишната постојана поддршка, и материјална и организациска и морална од УКИМ, и повеќе од 30 години со финансиска поддршка од Министерството за култура, од оваа година, Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ доби финансиска поддршка и од Министерството за образование и наука, а дел од програмските активности се под покровителство на Општина Охрид и Општина Вевчани. Годинава, за првпат, со поддршка за Школата се вклучија и општествено одговорни компании – „Тиквеш“, „Алкалоид“ и „Кожувчанка“. Мојсова-Чепишевска се заблагодари на сите фактори коишто ја препознаваат важноста на Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ.

На јубилејното издание на Школата учествуваат семинаристи од универзитетските центри од Австрија, Германија, Грција, Италија, Полска, Република Кореја, Романија, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешката Република.

55. Летна школа ќе трае до 2 септември, до кога семинаристите ќе следат над 50 часа лекторска настава и 11 предавања на врвни специјалисти и еминентни истражувачи од УКИМ, за важни теми за македонскиот јазик, литература и култура, а предвидени се и други програмски содржини.

Но со завршувањето на 55. Летна школа на 2 септември, како што посочи директорката на МСМЈЛК при УКИМ, Мојсова-Чепишевсска, нема да завршат и активностите на МСМЈЛК при УКИМ во овој период. Веднаш потоа ќе следи 49. Меѓународна научна конференција, на 4 и 5 септември 2022 година, во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид.

На Конференцијата, акцент ќе биде ставен на „Граматиката на македонскиот литературен јазик“ од Блаже Конески по повод 70 години од нејзиното објавување и на творештвото на Васил Иљоски и Горан Стефановски, по повод јубилеите – 120 години од раѓањето на Иљоски и 70 години од раѓањето на Стефановски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...