Отворена изложбата „Еволуција – маски од Торесовиот теснец“ во „Мала Станица“

Меѓународната патувачка изложба создадена од културниот центар „Габ Титуи“ во соработка со Националниот музеј на Австралија, австралиското Министерство за надворешни работи и трговија и Амбасадата на Австралија во Белград, вчеравечер беше отворена во објектот „Мала Станица“ на Националната галерија на Македонија.

Изложбата прикажува маски од областа на Торесовиот теснец – група на острови лоцирани помеѓу северна Австралија и Папуа Нова Гвинеја. Една од спецификите на традицијата на ова поднебје е токму носењето на убаво украсени маски, па оваа изложба ја испитува богатата и непрекината практика на нивна изработка во теснецот Торес.

При отворањето на изложбата на фотографии беше истакнато дека овие маски се исклучителни предмети од ритуално историско значење со исклучителна сложеност и специфичност во деталите што ги поседуваат.

фото: Мета.мк

Документаристичката изложба ја отвори амбасадорот на Австралија во Северна Македонија, Даниел Џозеф Емери, кој истакна дека изложбата ја истражува богатата и една од најкарактеристичните културни традиции на правење и носење убаво украсени маски.

„Австралиската домородна уметност е единствена. Ја отсликува античката култура на народот, како и најкарактеристичните пејсажи, природата и дивиот свет на земјите во кои живеат. За жителите на островите во Торесовиот теснец, морето и приморскиот живот видно се пројавуваат во сите аспекти на нивната уметност. Австралискиот домороден народ нема сопствени пишани јазици, но користи културни медиуми, како што се уметнички дела, раскажување приказни, танцови, песни – се тоа, со цел да се пренесат виталните информации и да се зачува нивната култура. Традиционалните симболи што се користат во нивните уметнички дела, а се гледаат на маските, играат важна улога во тој процес“, истакна амбасадорот Емери.

Изложбата ја претставува работата на луѓето од островите на Торесовиот теснец, кој брои над 270 острови. Луѓето од островите се етнички, културни и лингвистички различни од домородните луѓе кои живеат на австралиското копно, беше истакнато при отворањето на изложбата.

Изработката на овие маски вклучувала вештини во низа техники, материјали и алатки.

Маските, изработени од школки од желки, пердуви и кокосови влакна и ритуалите поврзани со нив се спона преку која личноста што ја носи маската на некој начин го менува идентитетот, а во старите култури таа била и мост на отворање на врски за комуникација со предците. Истражувачите ги собирале маските од овие области во текот на 19-от век и денес тие се дел од историски збирки.

Изложбата „Еволуција – маски од Торесовиот теснец“ во „Мала Станица“ е отворена до 21 јуни.