Отворена е телефонска линија за советување и поддршка на ЛГБТИ лица

Национална телефонска линија за советување на ЛГБТИ лица / Фото: Фејсбук страна на „ЛГБТИ Линија за советување“

Од денеска почнува со работа Националната линија за советување на ЛГБТИ лица од целата територија на државата. На телефонскиот број 075/241-124 анонимно без споделување на нивниот идентитет може да се јават ЛБГТИ лица од сите возрасти, нивните семејства, пријатели, но и стручни тимови од училиштата и центрите кои имаат конктакт со ЛГБТИ лица или млади кои се чувствуваат збунето во врска со нивната сексуална ориентација или родов идентитет.

„На советувачот преку линијата може да му се постават прашања, со него да се споделат своите грижи, да добијат поддршка, помош или советување поврзани со соопштување на сексуалната ориентација и/или родовиот идентитет, релациски проблеми, депресивно расположение или вознемиреност, булинг на училиште, проблеми на работното место, дискриминација, позитивен ХИВ статус или прашања поврзани со небезбеден сексуален однос, суицидни мисли итн.“ појаснуваат од Субверзивен фронт.

Станува збор за советувачи – стручни лица (психолози, социјални работници, психотерапевти) кои обезбедуваат безбедна средина за лицата кои се јавуваат и истите се со поминат тренинг за работа со ЛГБТИ лица и советување на телефонска линија.

Како што велат од Субверзивен фронт, тие го обврзуваат стручниот тим на линијата на професионалност и доверливост на информациите со договор и изјава за доверливост.

„Телефонскиот број не е бесплатен, туку се тарифира според вашиот договор со операторот при остварување повик. Доколку немате кредит за разговор, можете да пратите сигнал, смс или Вибер порака, а нашите советувачи ќе ве контактираат на бројот штом започне нивната смена“ додаваат од СФ.

Работното време е од 16 до 20 часот во понеделник, среда и петок, додека пак во вторник и четврток, од 10 до 14 часот. Доколку имате прашања или грижи надвор од работното време на линијата, можете да ги пратите преку смс на линијата, Вибер, или на Фејсбук страницата. За пофалби и поплаки од начинот на водење на разговорот, може да се обратите на мејлот: [email protected]

Линијата е финансирана од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Horizontal Facility II за Западен Балкан и Турција 2019 – 2022“ и со поддршка од Министерство за труд и социјална политика.