Отворањето на заедничкикот Контакт-центар е уште една потврда на одличните добрососедски односи меѓу Македонија и Косово и по неколкумесечното пробно работење, денеска само може да констатираме дека од технички апсект Контакт-центарот одлично функционира, што значи дека полициските службеници од двете страни на границата заеднички во овие простори ќе можат да извршуваат задачи од доменот на своето работење, да разменуваат информации, а сè во функција на побрзо решавање на одредени спорни ситуации кои по природа можат да се јават на граничните премини.

Ова, меѓу другото, го изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, на денешното официјално пуштање во употреба на новиот заеднички Контакт-центар за гранична соработка меѓу полициските служби на Македонија и на Косово на граничниот преммин Долно Блаце, на којшто учествуваа и косовскиот министер за внатрешни работи, Скендер Хисени, и амбасадорот на ОБСЕ во РМ, Ралф Брет.

Според Јанкулоска, досегашната практика покажа дека овој центар дури и во пробниот период фунционираше одлично, односно благодарение на размените на информации откриени се неколку кривични дела, решени се и неколку спорни ситуации, така што Јанкулоска констатираше дека ваквите иницијативи на заемна соработка придонесуваат за зајакнување на добрососедските односи, но дополнително и за подобра полициска соработка.

Како што нагласи Јанкулоска, овој граничен премин е еден од пофреквентните, во текот на годината го поминуваат повеќе од два милиони патници, и отткука секое олеснување на процедурите, секоја дополнителна активност која на полициските службеници ќе им го скрати времето на постапување е од корист и за службите надлежни за спроведување на законот, за полициските службеници кои ги извршуваат своите задачи и за граѓаните кои преминуваат на овој премин.