Отворен за посетители ЗОО-паркот во средното училиште „Браќа Миладиновци“ во Драчево (Галерија)

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, заедно со министерката за образование и наука и директорката на СУГС „Браќа Миладиновци“ во Драчево, Елизабета Ангелеска, како и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Аријанит Хоџа, денеска ја отворија за посетители мини зоолошката градина – ЗОО Парк и систем за аквапоника – во дворот на училиштето што образува кадри од ветеринарната и земјоделската струка.

„Ова е едно од училиштата во коешто и јас како градоначалник пред некаде околу три години ја препознав таа креативност и како што самите можете да видите денеска целосно се оправдани поддршката и вложувањата што ние ги дадовме како Град, Министерството за образование и наука, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Општина Кисела Вода. Денеска можеме да присуствуваме на официјалното отворање на реновираната зоолошка градина која има повеќе од триесет различни видови животни, што постоеше во рамките на училиштето меѓутоа ние ја изреновиравме и сега ја правиме достапна за граѓаните. Влезот ќе биде бесплатен, меѓутоа сакаме до колку некој сака да даде средства за влез и да го поддржи овој процес којшто е резултат на вредните и бистри умови на средношколците пред се, нивни вредните раце, како и на поддршката на нивните наставници и на Градот Скопје“, рече Шилегов.

Тој додаде дека „Браќа Миладиновци“ е едно од средните училишта во градот каде што се одвива дуална настава, со што се гарантира дека реално дефицитарниот кадар, како стручен кадар и во рамките на земјоделската струка и во рамките на ветеринарните техничари, што овде се профилираат, ќе им даде можност на децата коишто овде се запишуваат по завршувањето на средното училиште да бидат конкурентни на пазарот на трудот и ќе можат веднаш да се вработат.

Оваа зоолошка градина во дворот на училиштето постои веќе повеќе години, и е дел од практична настава за учениците, а од денеска таа официјално ќе биде отворена за сите посетители. Влезот е слободен, односно со донирање на симболична сума, секој ќе може да влезе и да го посети ЗОО Парк во средното училиште „Браќа Миладиновци“.

Министерката за образование и наука Мила Царовска посочи на овој ЗОО парк како пример за воведување нови концепти.

„Училиштето се одлучи за еден интересен концепт на работа и подготовка на учениците овде во рамки на самиот објект, искористувајќи ги сопствените капацитети и кадар и вложувајќи во свои работилници и места за практична обука на ученици. Всушност, ова училиште станува првото кое има вакви содржини, многу значајни за создавање на добро подготвени генерации преку обучување во природна средина“, рече Царовска, додавајќи дека и МОН преку СКИЛС проектот финансиран од Светска банка минатата година го потпомогна процесот на модернизација на училиштето, со тоа што беа набавени опрема, механизација и инструменти потребни за реализирање на практичната настава.

„Училиштето е целосно подготвено за модерен начин на образование и очекувам да биде добар избор за идните средношколци, а јас со задоволство го препорачувам. Струките се дефицитарни, а образованието обезбедува конкурентност на пазарот на трудот. Мотив плус се и стипендиите за ученици кои се запишуваат во дефицитарни струки, меѓу кои е и земјоделско – ветеринарната струка. Овие ученици можат да добиваат по 2200 денари месечно за 9 месеци го годината“, потенцираше Царовска.