На Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје, денеска беше отворен третиот Саем за вработување и пракса „Контакт 2016“.

Станува збор за саем на кој рабодатавците доаѓаат кај потенцијалните вработени.

– На саемот годинава ќе се претстават околу 15 компании кои вработуваат инженери и ова е можност, студентите да го преземат првиот чекор кон градење на својата кариера. Од друга страна, ова е можност и самите компании да стекнат увид во знаењета и во вештините на студентите – изјави министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска-Томовска.

Според продеканот за финансии на Факултетот за електротехника и информациски технологии, професор Димитар Ташковски, програмата за практична работа е многу битен елемент во процесот на студирање кој ги подготвува студентите за пазарот на трудот.

– Компаниите добиваат можност за директен контакт со студентите, со што можат на поедноставен и побрз начин да дојдат до идни вработени и пред тие да се појават на пазарот на трудот. За време на практичната работа, студентите, во рамките на своите можности, може да завршат одредени практични задачи и да дадат одреден придонес во работењето на компанијата. Исто така, преку оваа програма, ние, како факултет, добиваме повратна информација за вештините и за знаењата што компаниите ги очекуваат од идните инженери, со што се овозможува подобро прилагодување на наставните програми на барањето на стопанството – изјави Ташковски.