Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, заедно со министерот за здравство Беким Сали и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, денеска го отворија реновираниот Хируршки ургентен центар во Скопје. Директорот на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), Александар Трајановски, ја потенцираше важноста од инвестициите во осовременување на здравствените установи во земјава.
Реновирани се 400 квадратни метри на Хируршкиот ургентен центар, за што се одвоени 8 милиони денари буџетски средства и средства од донации. Министерот Сали истакна дека за првпат после 30 години комплетното се реновираат просториите на хируршки ургентен центар.
Директорот кажа дека по целосната реконструкцијата на Клиниката за ортопедски болести, ова е уште еден проект кој ја изменил комплетно сликата на оваа здравствена установа.
„Во состав на Ургентниот центар има апарат за компјутерска томографија и РГТ апарат, со што пациентите добиваат целосна дијагностика по приемот во болницата. Ургентниот хируршки центар е најголема здравствена установа во земјава која пружа ваков тип на медицински услуги. Годишно 35.000 пациенти се примаат во Ургентниот центар од цела територија на Северна Македонија. Дел од нив се згрижуваат во Ургентниот центар каде им се пружа неопходната медицинска помош, а дел се згрижуваат на останатите клиники за понатамошен третман“, рече Трајановски.
Сали, пак, истакна дека значително се унапредени условите за третман на пациентите и е променета сликата и првиот впечаток кој го стекнуваат пациентите при барањето на медицинска помош тука во Ургентниот центар.
„Реновиран е делот во кој се сместени приемното одделение, собата за реанимација, собата за тријажа, операционата сала, асептичната соба, помошните простории и санитарни чворови“, рече Сали.
Вицепремиерката Грковска истакна дека инвестициите во јавното здравство значат мотивирани здравствени работници, но и задоволни граѓани.
„Добриот начин на управување, стратешкиот пристап даваат добри и видливи резултати. Создаваат услови за квалитетни услуги на граѓаните што мора да биде најголем приоритет за сите носители на јавни функции. Со овие вложувања Владата ја искажува својата цврста решеност да продолжи да инвестира во здравствениот систем, што подразбира поквалитетен живот и подолг животен век на секој граѓанин“, рече таа.
За две години, дадени се повеќе од 5.000 согласности за вработувања во јавното здравство. Во услови на пандемија реализирани се 446 нови вработувања во јавното здравство, и тоа 164 доктори, 247 медицински сестри и 35 специјалисти добија статус на вработени на неопределено време.