Отворен повик за учесници и волонтери на 10. издание на „Џифони Македонија“

Фото: Џифони Македонија

Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ отвори повик за учество и за волонтери за претстојното 10. јубилејно издание што ќе се одржи од 5 до 10 октомври

„На повикот може да се пријават ученици од шесто одделение до четврта година средно образование. Местата се ограничени, а учеството на фестивалот е бесплатно. Учесниците ќе бидат поделени во три категории, јуниори (од 6. до 9. одделение), кадети (1. и 2. година средно училиште) и сениори (3. и 4. година средно училиште)“, се вели во соопштението.

Сите заинтересирани може да пријават преку следниот линк.

Фестивалот, информираат организаторите, е во потрага и по волонтери, ентузијасти (над 18 години), кои би сакале да се приклучат на десеттото издание и да бидат дел од тимот на фестивалот.

„По две години пауза, во меѓународното жири повторно ќе се вклучат над триесет млади учесници од неколку европски земји, а предвидени се и гостувања на реномирани домашни и странски уметници “, стои во соопштението.

Според најавата, програмата предвидува шест дена исполнети со филмови, уметност, креативност, музика, дружба и радост за над 600 ученици од основните и средните училишта, бројни гости, соработници и пријатели од цела Европа.

Јубилејното издание на „Џифони Македонија“ ќе се одржи во Младинскиот
културен центар и Кинотеката на Северна Македонија.

Филмскиот фестивал се реализира во поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Министерството за култура на Северна Македонија, Министерството за култура на Италија, Амбасадата на Италија и Градот Скопје, како и од Младинскиот културен центар и Кинотеката.