Отворен повик за работилница за NFT уметност во Центар ЈАДРО

Работилницата е наменета за 20 уметници и куратори

фото: Културно-социјален простор Центар ЈАДРО

Културно-социјалниот простор Центар ЈАДРО (КСП Центар ЈАДРО) соопшти дека организира дводневна работилница „NFT ART – револуција или полуција“ на која уметниците детално ќе се запознаат со новите текови во дигиталниот свет, како и со можностите што овој свет ги нуди за коегзистенција на уметноста и дигиталното.

Работилницата што ќе се одржи на 20 и 21 јули ќе биде склоп од предавања, дебати и практична работа на која учесниците ќе се стекнат со основните знаења на темата. Како што информираа од Центар ЈАДРО, фокусот ќе биде кон објаснување на начинот на кој функционира NFT преку практични примери, со покажување што се случува во позадина. Овој процес има за цел да ги мотивира учесниците да креираат сопствен профил како уметници во NFT светот.

Работилницата е наменета за 20 уметници и куратори, во зависност од бројот на пријави и интересот, од сите области, особено ликовната уметност. Пријавите се поднесуваат на овој линк.

„NFT уметноста претставува новост во дигиталниот свет. NFT е уникатен дигитален идентификатор, со кој се докажува автентичност на дигитално уметничко дело. Ова отвора цел спектар на можности за уметниците и кураторите да ги пласираат своите дела, а претставува опасност што може да ја редефинира целата индустрија. Актуелноста на современите дигитални уметнички медиуми постојано расте од година во година и овој тренд не ја одминува нашата земја и уметниците кои творат тука“, велат од Центар ЈАДРО.

Ментори на работилницата ќе бидат Давор Илиев и Тања Ефремова.