Отворен повик за млади и правни субјекти за учество на Регионален младински саем за вработување

Регионален младински саем за вработување ќе се одржи на 28 февруари во Скопје, за кој Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) ги објави повиците за учество на млади лица и правни субјекти.

Саемот е замислен како отворена платформа за градење вештини и компетенции за вработување на младите како и креирање на можности за нивно поврзување со работодавачите. Предвидено е да се одржат три активности – саем на компании, speed date за меѓусебно запознавање на компаниите и младите и youth booth за спроведување интервјуа со пријатна и приватна атмосфера.

Сите правни субјекти кои се заинтересирани за учество во Регионалниот младински саем за вработување треба да бидат од Скопскиот регион и да имаат регистрирано профил на платформата CareerHub. Младите што сакаат да учествуваат на повикот треба да имаат до 29 години и да имаат регистрирано профил на платформата CareerHub.

Пријавувањето трае до 10 февруари со пополнување на формуларот за регистрација за правни субјекти и за млади.

Од НМСМ информираат дека пред саемот ќе се одржи и обука за кариерно насочување за сите заинтересирани млади лица чиј фокус ќе биде креирање на професионална биографија, спроведување интервју со компании, како и други корисни совети за подобро претставување пред потенцијални работодавачи. Саемот ќе се одржи во склоп на проектот „МладиХаб – градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување на младите”.