Со воведни обраќања на Бајбарс Орсек, директор на Меѓународната мрежа за проверка на факти (International Fact-Checking Network), Бил Адер од Дјук Рипортерс Лаб, Нил Бран, претседател на реномираниот „Појнтер Институт“ и Мелиса Флеминг, помошник Генерален секретар на ОН за глобални комуникации, денеска беше отворен седмиот по ред меѓународен самит за проверка на факти.

Поради пандемијата на ковид-19, овој седумдневен настан планиран да се одржи во Осло, Норвешка, е целосно префрлен на интернет.

Во следните пет дена широката јавност ќе има можност да ги следи обраќањата, онлајн дискусиите и работилниците за борба против дезинформациите и за проверката на фактите. На настанот ќе има 102 говорници од 43 земји и отворениот дел ќе биде достапен за јавноста преку официјалниот вебсајт на настанот. Говорниците ќе ги споделат искуствата и размислувања за потребата преку проверката на факти да се потсетуваат оние што носат одлуки дека треба да имаат одговорност. Тема ќе биде и начините на справување со напливот на дезинформации во време кога речиси секој може да објавува што било на интернет.

– Проверувачите на факти не се задржуваат само на традиционалните медиуми, туку мора да ги следат и онлајн-медиумите но и социјалните мрежи, а искуството покажа дека проверките на факти сега имаат поголем импакт и на пребарувачите и сервисите за инстант-комуникација и ги потсетуваат на нивната одговорност – порача Бајбарс Орсек, директорот на Меѓународната мрежа за проверка на факти.

Еден од учесниците е и тимот на „Вистиномер“, единствената членка на (IFCN) од земјава, кој повеќе од осум години работи на проверка на фактите и на борба против дезинформациите.

По јавните сесии, годишниот светски самит на проверувачите на факти потоа ќе има и затворен дел, во кој, меѓу другото, од 27 до 30 јуни за борбата против прекуграничното пренесување дезинформации ќе говорат и претставници на „Вистиномер“.

Агендата на виртуелниот собир на проверувачите на факти може да се види тука.

Настаните од јавниот дел на globalfact7.com ќе може да се следат на соодветните страници и канали на Јутјуб, Фејсбук и Твитер.