Отворен е нов повик за Млади европски амбасадори

Отворен е нов повик за аплицирање за Млади европски амбасадори (YEA), креативна мрежа на млади активисти од целиот Западен Балкан. Целта на мрежата е споделување на вредностите на ЕУ и подигнување на свеста за соработка на ЕУ со нејзините партнери од Западен Балкан, прикажување на видливи резултати од оваа соработка, придонес кон политичкиот дијалог на различни теми, поддршка за зголемување на граѓанскиот активизам и заедничката работа за подобра иднина.

Од YEA велат дека Младите европски амбасадори се разнолики, но дека сите имаат заедничка визија – Западен Балкан обединет во различностите, учењето едни за други и за ЕУ заедно, спроведување на креативни проекти, стекнување на нови вештини, поврзување преку социјалните медиуми и организирање на инспиративни настани, секогаш предводени од идејата дека младинскиот активизам е најмоќната алатка за општествени промени.

„Младиот европски амбасадор е млад активист кој се гледа себеси како добар говорник, спремен да ги сподели вредностите на ЕУ, да учествува во проекти и настани поврани со ЕУ интеграцијата, заштита на животната средина, човековите права, уметноста и културата и новите технологии“, велат од мрежата на YEA.

За Млад европски амбасадор можат да се пријават сите млади лица на возраст од 18 до 29 години од регионот на Западен Балкан. Апликациите се отворени до 30-ти јуни, а повеќе информации околу процесот на селекција, како и условите и правилата за учество можат да се најдат на вебсајтот на „WeBalkans“.