Отворен е конкурсот за наградата „Драги“ за најдобар превод на македонски јазик

Конкурсот е отворен до 30 јуни, а наградата се состои од плакета и статуетка „Драги“

Фото: Glenn Carstens Peters, Unsplash

Отворен е конкурсот за Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“, воспоставена за вреднување на преведувачката продукција во земјава, а со цел да се истакне вредноста и важноста на преведувањето.

На конкурсот можат да учествуваат автори на книги објавени во периодот меѓу 1 јули 2022 година и 30 јуни 2023 година, а наградата се доделува за превод на дела од сите книжевни видови – проза, поезија и драма.

Право на номинација имаат издавачки куќи, здруженија на граѓани и преведувачи.

Како што информираа организаторите од „Антолог“, објавените книги треба да бидат преведени од оригинален јазик, а може да се конкурира со дела преведени од „живи“ и од класични јазици (арапски, старогрчки, санскрит и латински јазик).

Номинираните книги може да бидат објавени во хартиена форма или како електронски изданија и мора да имаат ЦИП-запис од Националната и универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје.

Еден преведувач не може да биде номиниран со повеќе од еден превод.

Книгите објавени во хартиена форма треба да се достават во три примероци на адресата на издавачката куќа „Антолог“ (улица „Ѓорѓи Пулевски“ број 29, локал 1), а електронските изданија во електронска форма  на електронската адреса [email protected].

Конкурсот е отворен до 30 јуни, а наградата се состои од плакета и статуетка „Драги“.

Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор.