Отворање на 13-ти ЕХО Фестивал на планински филм на 19 септември во МКЦ

Фото: ЕХО Фестивал

Со доделување на постхумно признание за животно дело на режисерот Кочо Недков и проекција на негов краток филм, годинава на 19 септември официјално ќе биде отворено 13. издание на Фестивалот на планински филм „ЕХО“ .

На првата фестивалска вечер по проекцијата на краткиот филм на Неделков во 19:00 часот ќе бидат прикажани филмовите „Последната планина“ од британскиот режисер Крис Терил и „Оганот на љубовта“ од американската режисерка Сара Доса.

Годинешното издание предвидува програма од 50 различни филмови што ќе се емитуваат на три кино локации, киното Фросина, Џепното кино и Парк киното МКЦ.

Исто така, во рамки на програмата ќе има 10 предавања на разни теми од кои едната е од наградуваниот режисер Дарек Залуски од Полска на темата  „Алпинизам и документаристика“, 3 работилници за најмладите, и една наменета за студенти во полето на филмот модерирана од Илија Тирицовски (ОХО Продукција) со наслов „Споделување приказни за креирањето на Планински Филмови“.

Програмата и распоредот на филмските проекции може да се види тука.

Фестивалот ќе трае до 23 септември.