Отварање на мултимедијалната изложба „Vanishing point“ на Александра Ристовска вечерва во МКЦ

Фото: МКЦ

Вечерва, во 20 часот се отвара мултимедијалната изложба на слики од уметницата Александра Петрушевска Ристовска во Галеријата во Младинскиот културен центар.

„Како продолжение на претходната изложба ‘Простори на заборав’, во која беа претставени ентериери на јавни простори од Скопје во специфичен амбиент, на оваа изложба Ристовска го насочува фокусот главно кон еден простор – скопскиот планетариум“, стои во најавата за изложбата.

Планетариумот е претставен со чиста сликовитост, како и сегментите од истиот, до крајно поедноставување на формата и бојата во едноставен стилизиран приказ. Просторот е спој од два различни ентитети, ентериер на јавен простор и екстериер на небесен простор. Низ ваквиот приказ Александра со своите дела поттикнува поставување на понатамошни повеќеслојни исконски прашања. Истовремено се иницира дека во едноставноста на секојдневните прашања лежат и едноставните одговори.

Во описот за мултимедијалниот проект „Vanishing point“ пишува дека е изработен од слики креирани со техниката масло на платно, како и дигитални принтови со фотоманипулација и дигитални слики. Со оваа форма на експресија се дава одговор на одредено специфично време, кое е надвор од нашата контрола. Користен е минималистички пристап кон визуелноста и бојата како основен принцип за човековите чувства и импулси, преку кој авторката нуди размислувања за визуелната реалност.

Делата ќе бидат изложени во МКЦ до 14 декември.

Александра Ристовска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје 2005 година, а во 2011 магистирала Графички дизајн. Таа има докторирано на Одделот за културолошки студии во Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје. Ристовска има реализирано повеќе независни и групни изложби во земјава и странство. Досега има учествувано во неколку меѓународни проекти и резиденции и добитник е на неколку значајни награди во областа на уметноста и културата. Во нејзината визуелна практика се видливи социјални и егзистенцијални прашања изразени преку интердисциплинарен медиум. Од 2009 година таа работи како професор на Факултетот за арт и дизајн (Меѓународен балкански универзитет).