Бавноста на македонската администрација и незаинтересираноста на институциите за брзо решавање на еколошките проблеми се главните причини што отровниот рид остатоци од работењето на топилницата за олово и цинк се уште ги труе граѓаните на Велес. Иако Владата на 86. седница одржана во септември минатата година дозволи компанијата „Кепс монт груп“ да ја презеде концесијата за експлоатација на троската кај локалитетот Баш Колиби во општина Велес од „Еко-центар 97“, новиот концесионер чекал девет месеци да ја добие дозволата за експлоатоација односно чистење на троската.

„Дозволата за експлоатација нам ни беше дадена на крајот на мај, годинава со тоа што со неа се предвидува рок од 30 дена за жалби. Тоа значи дека ние не можевме да почнеме со со понатамошниот дел од постапката до почетокот на јули“, изјавија за „Мета“ од компанијата „Кепс монт груп“.

Оттаму информираат дека откако се изначекале да ја добијат потребната документација од Министерството за животна средина и просторно планирање почнале со процедура за добивање Б-интегрирана еколошка дозвола од општина Велес. Во меѓувреме, пред нив се појавила нова пречка што го доведува во прашање целиот процес на експлоатација на троската.

„За да почнеме со работа односно чистење на троската ни треба струја. Кога побаравме приклучок од ЕВН оттаму бевме одбиени“, велат од „Кепс монт груп“.

На нашето прашање како „до вчера“ имало струја за работа на топилницата, а денес нема за чистење на троската, од компанијата велат дека неофицијалното образложение е дека порано таму имало далновод кој сега е нефункционален и дека ЕВН нема намера да ја обновува оваа енергетска инфраструктура за еднократна употреба.

„Ние сакаме што е можно побрзо да почнеме со работа бидејќи купувачите на троската првите пратки ги очекуваа на почетокот на јуни, годинава. Но доколку не се обезбеди струја чистењето на ридот односно извозот на троската би бил неисплатлив бидејќи доколку користиме агрегати целиот процес би бил прескап“, објаснуваат од „Кепс монт груп“.

Оттаму додаваат дека на овој проект работат веќе трета година, дека вложиле илјадници евра во изработка на соодветни студии и подготовки и дека секој ден неработење за нив се загубени пари.

„Мета“ веќе пишуваше дека иако велешката топлница не функционира веќе петнаесетина години отровните остатоци од нејзиното работење се уште ја загадуваат животната средина и го загрозуваат здравјето на населението. Доказ за тоа се редовните истражувања кои покажуваат дека во почвата и земјоделските производи во овој регион има присуство на олово, кадмиум и други тешки метали над дозволените граници.

За да се реши овој проблем најпрво треба да се дислоцира отровната троска, а потоа да следува деконтаминација на почвата на која денес се одгледува зеленчук и овошје збогатено со тешки метали.