Отпуштените од персоналот за хигиена во Твитер биле „третирани како ѓубре“

фото: Brett Jordan на Unsplash

Во разговор со Би-Би-Си, четворица чистачи кои работеле во седиштето на Твитер во Сан Франциско велат дека биле отпушени без отпремнина од компанијата. Според еден од нив, член на тимот на Илон Маск, извршниот директор на Твитер, рекол дека нивните досегашни работни места ќе бидат заменети од роботи.

Сенатор од сојузната држава Калифорнија во САД изјави дека Илон Маск поранешните вработени ги третирал „како ѓубре“. Главниот обвинител во Сан Франциско, пак, вели дека истражува дали Маск го прекршил законот, додавајќи дека милијардерот имал „долга историја на прекршување на работничките закони“.

Во разговорот со Би-Би-Си, Адријана Виљареал, која работела за Твитер четири години, вели дека сега е загрижена оти нема да има доволно пари за да го прехрани своето семејство за Божиќ. Нејзините грижи ги дели и Хуана Лаура Чаверо Рамирез, која е дијабетичарка и се плаши дека сега нема да може да ги обезбеди потребните лекови.

„Тоа е тажна и фрустрирачка работа за нашите семејстава и деца“, вели Виљареал.

Претседателката на Синдикатот на чистачите, Олга Миранда, појаснува дека во понеделникот организирале штрајк во знак на протест, а на чистачите им било кажано дека веднаш биле отпуштени. Чистачите во Твитер работеле без проблем до минатата недела, кога им било кажано дека нивните работни места се загрозени.

„Ова го направија три недели пред Божиќ. Мислам дека бевме отпушени затоа што сме синдикат“, вели Миранда.

Меѓу отпуштените е и Хулио Алварадо кој во Твитер работел десет години. Тој вели дека во компанијата владеела пријателска средина, но работите се смениле кога Илон Маск го презел раководењето во октомври. Алварадо вели дека сега се плаши и е загрижен за плаќањето на сметките, а додава дека со својата плата го издржува и семејството во Мексико.

„Можам само да ви кажам дека немам пари да ја платам киријата. Нема да имам медицинско осигурување. Не знам што ќе правам“, вели Алварадо за Би-Би-Си.

Твитер е под истрага и од страна на Одделот за градежни инспекции во Сан Франциско, кој ги истражува потенцијалните прекршувања на градежните правила откако во повеќе медиуми беа објавени фотографии на кои се гледа дека дел од канцелариите во Твитер се претворени во спални соби.

На една од фотографиите е прикажана соба со брачен кревет, гардероба и домашни влечки, додека на друга се гледа будилник и наместен кревет.

Минатиот месец Илон Маск ги извести вработените дека ќе биде потребно да работат „екстремно хардкор“ за да успеат, што подразбира „работа со долги часови и висок интензитет“.

Во твит што подоцна го избриша, Илон Маск објави дека ќе работи и ќе спие во канцеларија „сè додека организацијата не се поправи“.

Маск ги критикуваше градските власти во Сан Франциско, обвинувајќи дека градот ги напаѓал компаниите што обезебдуваат кревети за уморните вработени.