Печатницата „Киро Дандаро“, која официјално ги печати гласачките ливчиња за предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември, во саботата попладне отпечатила 80.000 ливчиња повеќе заради тестирање на опремата за печатење, дознава „Мета“ од неколку извори кои сакаат да останат анонимни.

Според истите извори, случајот е пријавен и во набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР. Оттаму на прашањето на „Мета“ за овој случај рекоа дека не можат ниту да го потврдат, ниту да го демантираат бидејќи се набљудувачка мисија. Сите забелешки во однос на изборниот процес, како што рекоа, ќе бидат нотирани во извештајот кој ќе биде објавен по изборите.

Вработени во печатницата „Киро Дандаро“ за „Мета“ потврдуваат дека печатницата отпечатила повеќе ливчиња од потребното, но дека останува прашањето дали тие ќе бидат поништени и дали се со сериски број.

– Отпечатени се поголем број ливчиња, што не е невообичаено. Често се печатат повеќе примероци за да се види дали е погоден фонтот, бојата и други технички карактеристики. Но, сепак, бројот на отпечатени ливчиња е далеку поголем од нормалното. Прашањето е дали овие ливчиња ќе се поништат, дали ќе се складираат за да се знае дека биле пробни и дали се отпечатени со или без сериски број – вели вработен во „Киро Дандаро“, кој побара да остане анонимен.

Од печатницата „Киро Дандаро“, пак, не сакаа да дадат официјален коментар и за сите информации нè упатија во ДИК.

– Од фирмата ни е забрането да даваме какви било изјави, за сè што ве интересира прашајте во ДИК – велат од правната служба на „Киро Дандаро“.

Од Државната изборна комисија велат дека не се запознаени со такво нешто, а дел од членовите на ДИК за „Мета“ велат дека целиот процес на печатење на ливчиња се спроведува според сите пропишани правила и принципи.

Виолета Дума, членот на ДИК од редовите на СДСМ, за „Мета“ вели дека не е запознаена со ваков случај, но дека доколку е вистина, тоа би била страшна ситуација.

– ДИК врши редовни контроли во печатницата „Киро Дандаро“. Целиот процес е под видеонадзор. Тој процес си тече нормално, во предвидените рокови, со најголеми безбедносни мерки. Нема пробно или непробно печатење. Ливчињата се печатат под одреден број. Првпат слушам за печатење на такви ливчиња. Таква ситуација би била страшна ако е вистинита, не дај боже да е така. Но, „бомбите“ ни покажаа дека и кога мислевме дека сè е како што треба, всушност не било – вели Дума.

Потпретседателот на Комисијата, Реџеп Прекопуца, не сакаше да коментира и рече да се обратиме до портпаролите на ДИК.

Членот на ДИК од ДПА, Бедредин Ибраими, вели дека таквите информации се шпекулации и дека печатењето на ливчињата почнало откако печатницата била одбрана од страна на ДИК.

– Не е точна информацијата. На печатницата ѝ дадовме налог за печатење, рокот за печатење на ливчињата почна од денот кога ја одбравме таа печатница – вели Ибраими.

Еден од поранешните претседатели на ДИК вели дека практика е печатницата да печати пробни ливчиња поради проверка на технички спецификации, но дека тоа секогаш биле само неколку ливчиња кои се јасно означени за да не може да се извршат некакви манипулации.