Министерството за внатрешни работи инфомираше дека го расчистила убиството и грабежот на менувачницата „Золит Трејд“ во Драчево, што се случија во февруари 2013 година.

Се работи за лицата И.И (28) кој е во бегство и С.С (28) и двајцата од Скопје. На С.С му е одреден притвор во траење од 30 дена поради сомневање за сторено кривично дело „разбојништво“.

„Кривичното дело пријавените го извршиле на 25.02.2013 година околу 19,30 часот на улицата „Славка Димкова“ во куќа во која се наоѓала менувачница „Золит Трејд“, при што го лишиле од живот сопственикот на истата, при тоа стекнувајќи се и со противправна имотна корист од околу 1.000.000 денари. Осомничените се сретнале во кафе барот „Танкештеле“ во село Сарај по што изнајмиле возило „Опел Омега“ (диво такси) и се упатиле кон населбата Драчево. По пристигнувањето на влезот од населбата, се упатиле кон менувачницата „Золит Трејд“, по што И.И. маскиран со црна женска чорапа, со огнено оружје пиштол испукал еден куршум во пределот на главата на сопственикот на менувачницата, кој починал на местото на настанот. С.С. ја одзел чантата со пари од починатиот и се упатил кон предходно договореното место со возачот на такси возилото со кое дошле, по што се упатиле кон село Сарај, додека пак И.И. избегал од местото на настанот во непознат правец. Осомничените парите ги поделиле меѓу себе, а на такси возачот му дале околу 40.000 денари и 400 евра“, велат од МВР.