Царинските инспектори при Секторот за контрола и истраги, при контрола на 21 увоз на месо од увозник, открија царинска измама во висина од седум милиони денари, соопштуваат од Царинската управа.
„Дополнителната контрола на приложените царински документи, како и лабораториските анализи, покажаа дека месото било пријавувано во погрешна тарифна ознака со пониска царинска стапка, наместо во соодветната тарифна ознака со повисока стапка. Против сторителите е поднесена кривична пријава за царинска измама, а донесени се решенија за дополнителна наплата на избегнатите давачки во висина од седум милиони денари. Царинската управа ќе продолжи со мерки за заштита на финансиските интереси на државата и обезбедување фер конкурентност на пазарот“, информираат оттаму.
