Шоуто на Викторија Сикрет 2019 е откажано по 24 години традиција. Веста не доаѓа како изненадување бидејќи веќе некое време читаме дека компанијата има сериозни  проблеми да се одржи во живот. Овие проблеми доаѓаат најмногу поради незадоволството на купувачите од недостигот на различност во пораката на Викторија Сикрет односно тоа што компанијата произведува и рекламира само еден одреден “совршен“ тип на тело.

Минатата година имаше голема контроверзност околу изјавата на еден од директорите дека не планираат во шоуто да вклучат „плус сајз“ или „транс“ девојки и дека брендот на Викторија Сикрет се заснова на фантазија. За разлика од оваа изјава, брендови како Севиџ Фенти (Savage X Fenty) на Ријана се базирани на реалноста и забрзано го преземаат пазарот пренесувајќи силна порака на охрабрување на сите жени. Оваа година се случи првото Savage X Fenty шоу кое го крена стандардот за вакви шоуа на неколку нивое. На сцената се појавија жени кои изгледаат различно, тела во различни форми и големини кои можеме да ги видиме во реалниот живот, а не само во фантазијата. Може да се каже дека ова шоу е исто така една од причините за одкажувањето на Викторија Сикрет шоуто.