Патничкиот железнички сообраќај во земјава продолжува да руши неславни историски рекорди, коишто лани беа предизвикани првенствено од ковид-19 пандемијата. Со возовите лани биле превезени скромни 253.058 патници, информираат за „Мета.мк“ од Железници на РСМ-Транспорт.

Од железничкиот превозник велат дека намалувањето на превезените патници во земјава е за околу 50 отсто во споредба со 2019 година, а притоа треба да се земе во предвид фактот дека на ниво на Европа лани опаднал бројот на патници за околу 80 отсто во однос на 2019 година.

Од Железници на РСМ-Транспорт веруваат дека со смирувањето на ковид-19 пандемијата повторно ќе се зголеми бројот на патници во железничкиот сообраќај. Покрај полициските часови кои беа причина за редуцирање на возниот ред минатата пролет, со владина одлука од 19 март 2020 година беа привремено укинати бесплатните патувања со воз за студенти, средношколци и пензионери.

Иако ЈСП-Скопје ги врати повторно бесплатните билети за јавниот градски превоз за средношколците и студентите за време на тековната учебна година, ваквите поволности за оваа категорија на граѓани сѐ уште не се активирани за патничките возови. Токму средношколците и студентите, кои патуваа најмногу за време на бесплатните денови, беа патниците што ги полнеа возовите пред пандемијата.

Од Железници на РСМ-Транспорт очекуваат дека со смирувањето на ковид-19 пандемијата, бесплатниот превоз за студенти, средношколци и пензионери повторно да се активира. За превоз на патници со возовите низ земјава, железницата им нуди на граѓаните повеќе од 40 различни поволности за патување со воз. Од железничкиот оператор не се согласуваат дека дел од овие поволности се застарени и треба да се променат и обноват, ниту пак дека не постои доволна промоција на ваквите поволности.

„За да се зголеми бројот на патници кои патуваат со воз, потребно е да се воведат нови линии, а на постојните да сообраќаат повеќе возови во текот на денот. Со постојниот возен парк, што го имаме на располагање во моментов, тоа не е возможно“, велат од Железници на РСМ-Транспорт, како одговор на прашањето како би можел да се зголеми бројот на патници во железничкиот сообраќај.

„Мета.мк“ веќе подолг период наназад пишува за опаѓање на интересот за патнички железнички сообраќај во земјава, што е спротивно од актуелната состојба во земјите-членки на ЕУ. Во 80-тите години на минатиот век со воз годишно патувале над 6 милиони патници, во периодот кога земјава била поврзана со десетици меѓународни возови кон другите држави од Југославија, но и со Европа.

По распадот на Југославија, бројот на патници во Македонија ниту еднаш не се искачил над 2 милиони патници годишно, но вообичаено се движел во опсегот од 1 до 1,5 милиони превезени патници низ годините. Ситуацијата дополнително се влоши по 2015 година, кога бројот на патници опадна под 1 милион, и покрај тоа што во сообраќај беа пуштени новите кинески возови.