Билјана Ивановска, поранешната претседателка на Државната комисија за спречување корупција, добила кривична пријава, 11 часа откако ја објави кандидатурата за градоначалничка на општина Центар. Таа за ова информираше на својот профил на Фејсбук.
„По 11 часа откако ја објавив мојата кандидатура за градоначалничка на Општина Центар, полицајци затропаа на мојата врата. Синоќа во 20:30 часот, двајца полицајци ме побарале да ми врачат кривична пријава, но јас не бев дома. Утринава веднаш појдов да ја подигнам поканата од ОЈО Скопје за да видам за што станува збор. Ме повикуваат на разговор на 19 август. Немам што да кријам, имам чиста совест и не се плашам од никакви закани и ниски удари и притисоци. Мојата цел е достоинствен живот во Центар и нашата битка заедно со „Независни заедно“ е отпор против воспоставените антивредности на коруцпија и клиентелизам кои нè доведоа до оваа ситуација. Со вашата поддршка ќе ја вратиме моќта кај граѓаните и нивното достоинство затоа што институциите треба да ни служам нам, а не на центрите чиј интерес е профитот. Навреме ќе ве информирам за ситуацијата околу оваа кривична пријава, но секако, адреса на информирање е и Обвнителството како е надлежна институција“, напиша Ивановска.
Во врска со овој случај, од Јавното обвинителство велат дека јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје постапува по приватна кривична пријава поднесена на 18 февруари годинава и дека презема дејствија за да ги провери наводите.
„Како едно од дејствијата е испитување на наведеното лице кое во периодот на кој се однесува пријавата била претседателка на ДКСК. Поканата за испитување од обвинителството е испратена на 25 јули и на ниту еден начин не може да се доведе во релација со политичките активности на поканетата“, велат во Обвинителството.
Ивановска инаку е поддржана од иницијативите „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и граѓанската иницијатива „Групација 389“.
