Во присуство на голем број верници, црквени великодостојници, но и преставници на научната бранша, денеска беа осветени конаците на манастирот „Пресвета Богородица“ во местото Заум, на јужниот дел од Охридско Езеро, кај селото Трпејца.

Пред осветувањето се служеше света архиерејска литургија, на која чиноначалствуваше архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, во сослужение со надлежниот митрополит г. Тимотеј и со повардарскиот митрополит г. Агатангел.

По својата убавина, овој верски објект важи за еден од најубавите на брегот на Охридско Езеро. Според зачуваниот натпис, црквата е подигната и насликана во 1361 година од страна на Гргур, за време на деволскиот епископ Григорие. Најновите истражувања покажуваат дека потекнува од 13 век.

Дебарско-кичевскиот митрополит г. Тимотеј, пред присутните рече дека со возобновување на конаците во Заум ќе се возобнови црковниот живот во ова светилиште, каде во минатото имало активен монашки живот.

– Дебарско-кичевската епархија го обнови конакот, кој беше урнат, за да може да се возобнови црковниот живот како што доликува за храм од 14 век. Го урнал забот на времето, но и негрижата од соодветните државни институции кои, наводно, се институции за заштита на културното благо. Состојбата во која беше претходно црквата „Св. Богородица Захумска“ потврдува дека заштитата не била на соодветно ниво – рече митрополит Тимотеј.

Со изјава за значаењето на „Св. Бородица Заумска“, пред сè, од аспект на живописното сликарство, се огласи и академик Цветан Грозданов.

– Иако живописот е доста оштетен, сепак има можност да се реконструира, на што јас сум работел уште пред половина век. Се проучува веќе 200 години. Ова место го истражувале научници од Русија, Германија, Франција, Холандија, Австрија и од други земји. За мене најимпресивна е личноста на ктиторот Григориј Деволски, епископ на градот Девол, кој подоцна се јавува и во црквата „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид – објасни Грозданов.