Сè уште нема конечен одговор како ќе се одвива наставата од први септември. На денешниот состанок на Комисијата за заразни болести се разгледуваа протоколите за работа на училиштата, а веќе за утре е закажан состанок на кој ќе присуствуваат претставници на Министерството за труд и социјална политика и ќе бидат разгледани протоколите за работа на градинките.
„Став на Комисијата за заразни болести е наставата да почне да се одвива онлајн, освен во првите одделенија во коишто е неопходно физичко присуство на децата. Во оваа ситуација стравуваме дека транспортот од и до училиште, комуникацијата на децата на одморите, за време на влез во училиштето, во заедничките простории, во ходниците, во оваа ситуација, во есен во која едноставно не знаеме со што се соочуваме, што може да нѐ чека, не само ние, ниту една земја во Европа, ќе биде многу ризично да дозволиме децата да се вратат без никакво ограничување во затворена просторија“, потенцираше министерот за здравство, Венко Филипче.
Владата на денешната седница заклучи дека моделот за образовниот процес 2020/2021 ќе се донесе по мислењето на Комисијата за заразни болести.
„На денешната 80-та седница, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информација со План за одржување на наставата во училиштата во учебната 2020/2021 година на Министерството за образование и наука, и донесе заклучок таа да биде споделена со Комисијата за заразни болести, по што врз основа на мислењето на Комисијата ќе биде донесена одлука за моделот за организирање и спроведување на наставниот процес во основните и средните училишта“ велат од владината служба.
Додека надлежните ги усогласат и прецизираат нештата, на социјалните мрежи сè погласни се реакциите на родители кои велат дека нема да ги пуштат нивните деца на училиште.
Сепак, за многу работи сè уште се дискутира и прецизни одлуки ќе има откако свое мислење ќе даде и Комисијата за заразни болести. Но, без разлика како ќе се одвива наставата – дали само онлајн, само во училница, или комбинирано, и на наставниците и на учениците ќе им бидат потребни компјутери. Од Министерството за образование и наука (МОН) велат дека ќе набават нови уреди, но под посебни услови.