Освен поевтин паркинг од март, Град Скопје нема решение за проблемот со паркирањето

Фото: Мета.мк

Расте бројот на возила по скопските улици, а со тоа и недостигот на паркинг места. Граѓаните од различни делови на Скопје секојдневно се жалат дека по десетина минути кружат за да најдат слободно паркинг место, а најизразен е проблемот во скопските општини Центар и Карпош. Градот Скопје донесе одлука од 1 март да се намали цената на паркирање на паркинзите со кои управува ЈП „Градски паркинг“.

Сепак, од скопските градски власти нема одговор кога ќе почне реализацијата на проектот „Паркирај и вози“ (Park & Ride), којшто со децении наназад постои во градовите од западноевропските земји. Овој проект беше вклучен уште во 2011 година во Планот за одржлив транспорт на град Скопје и предвидуваше изградба на големи паркиралишта на сите влезови од периферијата на градот каде што граѓаните од другите градови би ги паркирале своите возила и би го продолжиле превозот со автобуски линии или велосипеди за изнајмување до центарот на Скопје.

Со овие транспортни терминали ќе треба да се намали притисокот од возила кои бараат паркинг во централните градски средини на Скопје, но би се растеретил и сообраќајниот метеж во главниот град. Мета.мк повеќе од половина месец чека од Градот Скопје и ЈП „Градски паркинг“ да достават одговори дали планираат годинава да започнат со реализација на проектот „Паркирај и вози“ во Скопје.

Од ЈП „Градски паркинг“ на 10 февруари единствено информираа дека прашањата ги препратиле до Град Скопје како надлежна институција за проектите, за кои побаравме информации. Градот Скопје, пак, со идентичните прашања го исконтактиравме уште на 1 февруари.

Покрај за проектот „Паркирај и вози“, Мета.мк праша и кога може граѓаните да очекуваат воведување на зонско паркирање на територијата на Општина Карпош, поточно во населбите Карпош 1 и Карпош 2. Проблемот со недостиг на паркинг места во овие делови од Скопје е алармантен, меѓу другото, и поради фактот што граѓаните и компаниите кои имаат обврски во Дебар Маало своите возила ги паркираат во Карпош за да не платат паркинг.

На нашето барање за информации не добивме одговор кога ќе се воведе зонското паркирање во Карпош, но скопските градски власти не одговараат ниту на прашањата со кои мерки планираат да го решат хаосот со паркирањето на Водно за време на викендите и празниците, кога дел од граѓаните ги паркираат своите возила покрај патот и го блокираат движењето на пешаците и јавниот превоз меѓу Долно и Средно Водно и меѓу Средно Водно и Нерези.

Проблемот со паркирањето во Скопје се зголемува од година во година, заедно со порастот на бројот на регистрирани возила во градот, но и зголемувањето на бројот на граѓани од соседните градови кои наместо воз или автобус, користат автомобили за да стигнат до своите работни места, на лекар или на школо.

Мета.мк веќе подолг период наназад пишува дека проблемот со недостигот на паркинг места не се намалува, туку продолжува да расте.

Според податоците на ЈП „Градски паркинг“ наведени во Годишниот извештај за нивното работење во 2020 година, тие располагале со 9.396 паркинг места во катните гаражи, зонското паркирање и затворените јавни паркиралишта. Наспроти ова, бројот на издадени бесплатни дозволи за паркирање на станари од околните згради во 2020 година изнесувал 124.724, односно за дури 13 пати е поголем бројот на бесплатни дозволи за паркирање во споредба со слободните паркинг места.

Покрај станарите, на обележаните паркинг места на ЈП „Градски паркинг“ се паркираат и службени возила и автомобили на вработени во компании кои гравитираат околу паркинзите, како и граѓани кои ги оставаат своите превозни средства на неколку часа во денот на една локација.

Инаку, според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, во 2020 година за прв пат во историјата во Скопје имало над 150.000 регистрирани автомобили, при што ваквите бројки во континуитет растат. Па така, во 2012 година низ улиците сообраќале околу 122.000 автомобили со скопски регистарски таблички, додека во 2020 година овој број се искачил на над 155.000 автомобили. Односно, за период од осум години, место за паркинг низ Скопје секојдневно бараат над 33.000 дополнителни автомобили.